Големи руски напади врз украинската инфраструктура, 80% од жителите на Киев останаа без вода

Русија извршила нов „голем напад“ врз енергетската инфраструктура во Украина, обвинија денеска украинските власти, откако и претходно веќе најавија прекини во снабдувањето со електрична енергија, но и со вода, во главниот град Киев.

„Руските терористи повторно извршија голем напад врз електричната инфраструктура во голем број украински региони“, изјави заменик-шефот на украинското претседателство, Кирило Тимошенко.

Според украинските власти, Русија денеска кон Украина испукала „повеќе од 50“ крстосувачки ракети X-101/X-555, што резултирало со прекини на струја во неколку региони.

„Од 7 часот наутро на 31 октомври, руските окупатори, во неколку бранови, извршија ракетни напади врз критичната инфраструктура во Украина“, соопшти украинската армија на Телеграм.

Неколку експлозии го потресоа Киев денеска, откако во саботата со дронови беше нападната руската Црномоска флота во Севастопол на Крим во Црното Море, по што Русија се повлече од договорот за извоз на виталните количини жито преку поморскиот безбедносен коридор. Најмалку пет експлозии се регистрирани утрово во главниот град, помеѓу 8:00 часот (06:00 GMT) и 8:20 часот.

Прочитајте и:  Бајден и дозволил на Украина да користи американско оружје за напади во внатрешноста на Русија

Како што информираше градоначалникот Виталиј Кличко, поради оштетување на „електроенергетски објект во близина на градот“, без вода во Киев останале 80% од корисниците. Тој апелираше до жителите да се снабдат со вода од најблиските пумпи и продажни места, уверувајќи дека локалните власти работат на тоа што побрзо да се санира дефектот.

Извор: МИА

- Реклама -