Неколку сmртни случаи во САД во изминатиов период се поврзуваат со употребата на електронски цигари, а предупредување за нивната штетност по здравјето упати и Светската здравствена организација, која бара регулирање на нивната употреба.
Од овој проблем директно се засегнати и македонските граѓани, кои по воведувањето на Законот за заштита од пушењето во 1995 година, особено по неговата ригорозна примена од пред десет години, почнаа сè почесто да ги користат електронските цигари како алтернатива за вистинските.
Преку интернет-страниците, во поголемите трговски центри, но и во некои продавници низ земјата може да се нарача и да се купи овој уред, како и дополнителната опрема, а цените се движат од 1.000 денари па нагоре.
Најстрасните пушачи први ја прифатија оваа технологија, како решение за честото напуштање на работното место поради паузите за цигара.
– Користам електронска цигара неколку години. Јас сум преведувач и работата ми е врзана за канцеларија, а истовремено сум и страстен пушач. Поради природата на работата и временските рокови, едноставно не можам на секои 15 минути да излегувам на пауза, па се решив на овој потег – вели Даниел Стојковски.
Тој додава дека електронската цигара не е како вистинската, но дека му помага полесно да ги надмине кризите и да ги намали паузите.
Според експертите, при користењето на електронските цигари во организмот се внесуваат токсични супстанции опасни по здравјето.
– Истражувањата покажуваат дека е споредливо влијанието на никотинот од обичните цигари со оној од е-цигарите. Освен никотин, е-цигарите содржат токсични и карциногени супстанции, кои се споредливи со оние од обичните цигари.
Уште повеќе, зависноста од е-цигарите е многу понагласена – вели академик Нада Поп-Јорданова, педијатарка и психолог.
Таа додава дека постои поголем ризик по здравјето ако е-цигарите ги користат млади луѓе.
Целата статија на НоваМакедонија