Лондон, 29 декември 2021 (МИА) – Европската мрежа на оператори на преносни системи (ENTSO-E) предупреди дека големата побарувачка за електрична енергија во Косово може да го загрози снабдувањето со електрична енергија во Европа, бидејќи на Косово му недостасува енергија до степен што не е планиран на пазарите.
ENTSO-E за континентална Европа „го повикува косовскиот оператор за дистрибуција на електрична енергија KOSTT да одржува рамнотежа во својот национален електроенергетски систем, што е основна договорна обврска за другите оператори на преносни системи во континентална Европа“, се вели во е-пораката на ENTSO-E, јавија западни медиуми.
Ситуацијата во Косово е особено драматична поради ниското ниво на домашно производство, техничките дефекти и студеното време, што го прекина производството во електраните и ги принуди властите во Приштина да увезуваат повеќе електрична енергија од вообичаено.
Според британски медиуми, Косово, освен што произведува од само две електрани на јаглен, „обично увезува 10 до 15 отсто од својата енергија“, но увозот сега достигна 40 отсто од потребната струја. Како резултат на тоа, Косово „увезува енергија што не била планирана на пазарите“, наведуваат британски медиуми.
Собранието на Косово со 57 гласа „за“ и 17 воздржани прогласи вонредна енергетска состојба, со што ќе се олесни на Владата да донесе вонредни мерки за ограничување на снабдувањето со енергија.
Со оваа одлука, ограничувањата за снабдување со електрична енергија стануваат законски.
Вонредните мерки ќе важат најмногу 60 дена, но Собранието може да ги продолжи за уште 30.
Тие вклучуваат наметнување ограничувања за снабдување со енергија на потрошувачите и наметнување посебни обврски за енергетските компании, пренесе Бета.