Големата измама Open Space

a8403ea8272d66a38c38bbc3aaf4cde4[1]

До скоро, поголемите компании со многу вработени ги туткаа канцелариските работници во таканаречените „кјубиклс“ – начичкани бироа оградени со паравани, за вработените да се самозалажуваат дека имаат своја канцеларија. Кога вработените почнаа да се бунат дека се чувствуваат како глувци и ги фаќа клаустрофобија, некој паметен смисли генијално решение – open space канцеларии – кои во принцип се пак кјубиклс, со тоа што работодавците сега не мора да купуваат паравани…

Целта на т.н. „отворена канцеларија“ (open space), како и на просторите со hot-desking (грубо речено – менување бироа), е да се зголеми соработката меѓу луѓето. Тоа е целта. А ефектот?

Едно тазе истражување открива дека отворените работни простори не се одразуваат баш позитивно на социјалните способности на работниците. Напротив, го одвлекуваат вниманието, работниците не соработуваат, немаат меѓусебна доверба и нивните односи се расипуваат. Излегува дека во open space канцелариите не само што не оди пријателството меѓу колегите, туку трпат и односите со претпоставените.

Подобро е да работиш од дома, макар мачката ти седела на глава

Иако досега упорно се мантраше дека отворените канцеларии ја подобруваат комуникацијата и соработката, сега веќе е докажано дека пријателствата кои ги формираат луѓето кои работат заедно се од најслабите, во споредба со тие на луѓето кои имаат одделни работни простории или ги делат со еден или двајца соработници. Меѓу другото, open-space вработените се и многу понезадоволни од луѓето кои работат од дома (а секој што работи од дома добро го знае попувањето: оди бе во канцеларија, барем ќе контактираш со луѓе).

Можно е отворените канцеларии да го стимулираат копирањето на стратегии меѓу вработените, и со тоа да придонесат до поголема унифицираност (што во зависно од случајот знае да биде и контрапродуктивна), но од друга страна доведуваат до отуѓување и не придонесуваат за пријателска тимска атмосфера, како што нивните заговорници се обидуваат да нé убедат.

Ние и „оние другите“

Всушност, работењето во open space канцелариите се манифестира со зголемено чувство кај вработените дека се под постојан надзор од претпоставените, што пак резултира и со чувство дека овие вториве не им пружаат доволно поддршка.

Исто така, не ретко, кај вработените често се јавува нервоза, стануваат сомничави и почнуваат да се затвораат во себе како реакција на отворената работна средина, поради што се влошува и нивната врска со соработниците, а и со претпоставените.

Да не се лажеме

Сепак, сето ова можеби и не е ништо ново за работодавците, во ера кога заедничките отвотени работни простори и hot-desking-от се користат сé повеќе, пред сé затоа што главната причина за нивниот подем е зголемената употреба на лаптопи, смартфони и таблети, како за приватни така и за деловни цели. Новите технологии, заедно со зголемените трошоци за канцелариски простор, доведе до трендот да паднат ѕидовите меѓу канцелариите, а и таму каде што ги има, да бидат заменети со стакла. Кога работодавците би биле искрени, и самите би признале дека нема ништо добро во open space канцелариите, освен што многу помалку го чешаат нивниот џеб.

Имајќи го тоа на ум, се чини дека нема надеж за вработените.

Чаре?

Ако можете, обезбедете си приватна канцеларија, која ќе ја делите со еден или двајца луѓе. Друга алтернатива е работа од дома.

За да се изборите со визуелните дистракции од седнатите до вас, поставете панели, редови од книги, или „жива ограда“ од растенија, т.е. пробајте да си направите сопствен, што е можно попријатен кјубикл.

За канцелариската бучава, пак, најдобар лек се старите добри слушалки.

Се разбира, сето тоа зависи од тоа дали се погодни за вашето работно место и за вашиот тип на работа, и нормално, дали ќе мрчат претпоставените на кои не можете да им објасните дека open space канцеларијата е глупост и ви пречи во работата.

Трошка надеж, сепак

Истражувачите Пит и Бенет работат на нов модел на отворена канцеларија, во која покрај hot-desking има и „touchdown areas“ т.е. сенаменски зони со слободни бироа за брз пристап до информации, канцеларии на изнајмување кои можат да бидат однапред и навремено изнајмени кога има потреба за средби, „места за соработка“ (за групна работа, со можност за телеконференција) и можеби најфиното – „места за одмор и работа“ – релаксирачки фотелји и мали масички за спонтана, неформална работа во тим.

Не станува збор за тоа вработените да имаат неограничен личен простор и самостојност, туку за тоа дека комуникацијата меѓу луѓето е клучен дел од успехот во било која активност, ама спонтаната комуникација – не присилната. Се разбира, дистинкцијата меѓу двете е многу важна во една таква средина, бидејќи комуникацијата лесно знае да се прелее во расеаност што може лошо да се одрази на работата. Но и покрај тоа, предлогот на Пит и Бенет е дефинитивно подобар од досегашниот концепт на open space, пред сé затоа што овој класичниов се докажа како неефикасен, а на овој на Пит и Бенет уште не сме му дале шанса.

Во меѓувреме, ако токму ти си претпоставениот или работодавачот, а вработените во канцеларијата не ти комуницираат иако се во иста просторија, размисли за ѕид или два.

- Реклама -