Македонскиот интернационалец Адис Јаховиќ продолжува да го привлекува вниманието во Швајцарија, откако гол формата во која оваа сезона настапуваше за второлигашот Вил ја пренесе и во прволигашот Цирих.
На натпреварот од 15. коло во најсилната лига на Швајцарија, Цирих славеше со убедливи 1:4 на гостувањето против Тун, а Јаховиќ беше стрелец на вториот гол за гостите во 28. минута од натпреварот. 25-годишниот Јаховиќ на тој начин на вториот настап во дресот на Цирих успеа да го запише својот деби погодок.
Нашиот фудбалер настапи до 71. минута на дуелот, на кој во противничкиот табор го немаше репрезентативецот Мухамед Демири.
Токму одличната форма во која веќе две сезони во Швајцарија настапува Јаховиќ е причина, македонскиот селектор Чеде Јаневски, да го повика за претстојниот пријателски натпревар против Словенија на 14. ноември во Скопје.
Иако сѐ уште нема дефинитивен став околу новите фудбалери кои на претстојните тест репрезентативни дуели ќе треба да го убедуваат македонскиот селектор во своите квалитети, сепак според нашите информации, Адис Јаховиќ треба да биде едно од освежувањата во напаѓачките редови кои се покажа на дуелите против Хрватска и Шкотска дека се болно место во тимот на Јаневски.
Чедомир Јаневски се очекува во текот на утрешниот ден или најдоцна до вторник да го соопшти списокот на репрезентативци за контролниот дуел против Словенците.