Најдобриот тенисер во светот ќе донира 1 милион евра помош за Србија во борбата против коронавирусот, соопшти Новак Ѓоковиќ, заедно со својата сопруга, во видео обраќање до јавноста.
Ѓоковиќ пред сѐ се заблагодари на сиот медицински персонал ширум светот кој се бори за здравјето на луѓето и се обидува на секој можен начин да им помогне на заразените. Потоа објасни дека се решиле помошта да биде во респиратори:
„Бројот на заболени и заразени расте секој ден и во согласност со тоа јас, Јелена и фондацијата одлучивме да собереме што повеќе информации за да утврдиме кој е најдобриот начин како да ги донираме своите ресурси, знаење и пари и како најадекватно би можела таа помош да влијае на здравјето на луѓето ширум Србија.
Нашата донација е милион евра за купување на респиратори и дополнителна опрема. Респираторите се најнеопходна опрема за спасување животи. Судејќи по состојбата во болницата, истите веќе денес се потребни и се најдобро краткорочно, но и долгорочно решение. Затоа одлучивме да донираме милион евра за донираме за респиратори преку мојот стрико Горан кој има влијателна мрежа луѓе на кинескиот пазар. Дојдовме директно до производителот и секојдневно очекуваме да пристигне информацијата за количината респиратори и цената. Татко ми и мајка ми имаат многу пријатели во Европа, во Германија најдовме некои респиратори и таму ќе купиме дел и ќе ги донираме каде што е најпотребно“, соопшти Ѓоковиќ, заблагодарувајќи им се и на државните власти кои биле на располагање и помогнале со информации за спроведување на донацијата.
Ѓоковиќ испрати и порака до Србите:
„Ситуацијата е непредвидлива, секоја помош е добредојдена. Владее паника. Луѓето се плашат, многумина се заразени. Обидете се времето да го поминувате со позитивен дух, да се гради имунитет, бидејќи така градиме дефанзивен механизам против вирусот“, апелираше тенисерот.
Неговата сопруга Јелена, пак, која е директорка на нивната фондација, подетално објасни како (и колку тешко) се одвива набавката на респираторите и останатата медицинска опрема:
„Респираторите се со различен квалитет и производство – некои се нови, некои поволни, некои допрва треба да се произведат, па сте на листа на чекање, но често не и на приоритетна листа.
Потоа, не е проблем само во купувањето на апаратите, проблемот е и да се совлада користењето на апаратите.
Потоа, дури и ако стигнеме до купување на апаратите – како да ги донесат, кога ќе стигнат, на кој начин?
Ни летовите веќе не функционираат како порано. Доставата е одложена, а нам ни требаат ‘за вчера’.
И многу е важно да не се оштетат апаратите при доставата. Ние успеавме да дојдеме до производител кој ќе ги исполни сите барања и сега сме малку поспокојни, но продолжуваме да работиме“.