Поголем дел од времето вие и вашето тело имате добар однос. Вие на телото му кажувате што треба да направи, а тоа ќе ве послуша. Но повремено вашето тело може да ви одговори на друг начин: болки во коленото или укочен врат. Со тоа вашиот организам ве предупредува дека правите нешто што не треба – носите претешки торби, држењето ви е подгрбавено. Еве неколку едноставни совети како вашиот однос со организмо да биде избалансиран.
Истегнете се после спиење
После спиењето од седум или осум часа, вашите мускули и зглобови можат да бидат прилично укочени. За да ги опуштите, пред да станете од кревет истегнете го долниот дел од грбот и куковите. После тоа мало истегнување, привлечете го вашето колено на градниот кош и задржете ја таа позиција 20 секунди, подоцна истото направете го со другото колено. Последната вежба пред да станете од кревет е со двете колена кренати до градниот кош пополека спуштете ги на лева страна, а притоа вашиот грб да биде рамен со душекот. Истото повторете го и на десна страна.
Правилно одберете ги кондурите
Најдобрите кондури се со ниска потпетица, пет сантиметри и помалку, додека најлошиот избор е балетанка или висока потпетица. Секогаш прстите треба да имаат доволно простор и да не бидат стиснати, а стапалото да има потпора низ целата негова должина. Редовното употребување на високи потпетици или ниски кондури без правилна потпора за стапалото најчесто резултираат со деформитети, кои пак се одразуваат најчесто на колената и рбетниот столб.
Прилагодете го работниот простор
Кога седите на работното место, колената треба да ви бидат на малку повисока положба во однос со колковите, а стапалата цврсто на подот. Грбот треба да има потпора по целата должина. Доколку редовно работите на компјутер, обрнете внимание на далечината на мониторот и неговата положба спрема очите. Треба да биде на минимум од 1 метар и на исто ниво со вашите очи. Редовните истегнувања на 1 час работа на компјутер се исто така важни за вашето здравје.
Поправeте ја рамнотежата
Носењето на тешки торби или товар ви ја нарушува рамнотежата. Без разлика на годините мора да бидете свесни за овој проблем. Најчеста повреда кај постарата женска популација е предизвикана од препнување или пад, поради големите и тешки ташни. За да ја подобрите рамнотежата, практикувајте ја следнава вежба: Застанете под врата, за да може да се фатите доколку ви е потребно и подигнете ја едната нога во воздухот, а со другата држете рамнотежа 30 секунди и обратно. Луѓето со нарушена рамнотежа најчесто ќе бидат послаби на едната нога, а тоа ќе ви предизвика проблеми во постарите години.