Глобалното затоплување го зголемува ризикот од конфликти, глад и миграција

Извештајoт на комисијата на ОН ја утврдува тезата дека затоплувањето и јаглеродните емисии го зголемуваат ризикот од конфликти, глад, поплави и миграција на населението во сегашното столетие, гласи заклучокот на експертите од ОН .

Ако бидат оставени надвор од контрола емисиите на гас кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, може да чинат трилиони долари како штета на сопственоста и екосистемите, но исто така и како трошоци за справување со климатските проблеми. Освен тоа експертите мислат дека влијанието на климатските промени ќе ги зголеми трошоците за справување со нив и напнатоста ќе се зголемува паралелно со зголемувањето на температурите на земјата.

Во резимето на документот стои уште: „Зголемувањето на затоплувањето ја зголемува веројатноста од вонредни и неповратни резултати” и е јасно предупредување до политичарите.

Извештајот е дело на Меѓународниот панел за климатски промени / IPCC /, создаден во 1988 година за да обезбедува неутрален водич за владите, заснован на науката. Претходниот извештај беше објавен во 2007 година, а истиот предизвика бран од политички активности. Но консензус меѓу земјите во развој и развиените земји во светот не се појави. Големите загадувачи како Кина инсистираат дека богатите и развиените земји треба да водат напори во оваа насока и тврдат дека тие не можат да го жртвуваат економскиот раст.

Заклучоците на експертите доста се разликуваат од оние во претходниот сличен извештај, објавен пред седум години, изјави еден од водечките автори на документот Крис Филд од институцијата Карнеги во Калифорнија. Неговиот колега проф Џеф Дабелко, професор по безбедност и екологија од Универзитетот во Охајо, предупреди: „Има доволно чад, на кој што всушност мораме да му обрнуваме внимание”. Во изминатите 7 години истражувањата на општествените науки открија повеќе врски меѓу климата и конфликтите, тврдат авторите на документот.

Во извештајот од март Пентагон  ги сумира резултатите од свое четиригодишно стратешко истражување. Во него климатските промени се дефинирани како „заканувачки”, и се  придружувани од сиромаштија, политичка нестабилност и социјални тензии во целиот свет.

- Реклама -