Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека започнува изградбата на Универзална сала, што е еден од најважните културни објекти во градот. Тој нагласи дека овој проект, по години на чекање, повторно го враќа животот во симболот на скопската култура и солидарност.
„Конечно, Универзална сала започнува со изградба! По долги години чекање, овој знак на солидарност и културен идентитет на Скопје повторно наоѓа свое место. Започнува изградбата на објектот кој е сведоштво за духот на нашиот град, неговата истрајност и љубов кон уметноста. Проектот ќе се реализира по принципот ‘кључ на рака’, а реконструкцијата е планирана да заврши до декември 2027 година. Ова е еден од клучните иницијативи во подготовките на Скопје за титулата Европска престолнина на културата 2028, што нашиот град ќе го стави на културната мапа на Европа.
Со новиот изглед на Универзална сала, Скопје ќе добие современ, функционален и репрезентативен културен храм, каде ќе се создаваат спомени, ќе се негува уметноста и ќе се слави креативноста. Театри, концерти, фестивали и големи културни настани ќе најдат дом достоен за својата вредност. Универзална сала е претставник на солидарноста по катастрофалниот земјотрес, место каде генерации на скопјани ги доживеале своите најубави моменти од културниот живот. Нјезиното обновување значи враќање на душата на градот и создавање мост меѓу минатото и иднината.
Посебна благодарност до Премиерот Христијан Мицкоски за значајната поддршка и посветеност во реализацијата на овој важен проект, како и до министерот за култура Зоран Љутков. Продолжуваме да градиме за Скопје какво што го заслужуваме“, изјави Ѓорѓиевски.




