Ѓорѓиевски е спремен да се кандидира за градоначалник на Скопје ако има поддршка од партијата и граѓаните

„Мислам дека би бил човек што би ги решил голем број на проблемите што ги има нашиот град“, вели актуелниот градоначалник на Кисела Вода на прашањето дали би го прифатил предизвикот идната година да стане прв човек на главниот град

Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, би го прифатил предизвикот да се бори за градоначаничката функција за главниот град.

Сепак, Ѓорѓиевски вели дека тој предизвик би го прифатил само доколку за тоа одлучи партијата, но и граѓаните.

„Ако одлучи мојата партија, телата на партијата, но и граѓаните. Од она што е евидентно мислам дека имаме одлична реализација на проектите досега, па имам и сериозна поддршка меѓу моите сограѓани, верувам дека би го прифатил тој предизвик секако. Мислам дека би бил човек што би ги решил голем број на проблемите кои ги има нашиот град“,

рече Ѓорѓиевски во вечерашното гостување на „Клик Плус“ на ТВ21.

Прашан до каде се измените во Законот за локална самоуправа за функциите на градоначалниците, Ѓорѓиевски рече дека се во фаза на составување на правен дел од тимот.

„Иако тој закон ќе се однесува и нас лично, сите сме сложни дека градоначалниците имаат преголема моќ во смисла на еве состојбата во Скопје ако ја земеме во предвид. Освен редовни избори не може на друг начин да биде променет градоначалникот. И факт е дека треба да има механизам којшто и делот на транспарентност и отчетност пред граѓаните ќе знае самиот градоначалник дека може и порано да проработи отколку да дојде ред за редовни избори или да си поднесе оставка самиот. Имаме често состојби кога одредени наши градоначалници, чест на сите што работат и си ја вршат работата, но имаме градоначалници што мандатите ги поминуваат во хебернација и нерешавање на ниту еден проблем“,

рече Ѓорѓиевски.

Во однос на тоа до каде се со одземање на ингеренциите на неколку јавни претпријатија, тој рече дека се водат неколку процеси предлог-измени на законите.

„Еден е токму овој дел бидејќи согласно она што ние го побаравме не постои законска можност да Владата ги одеземе ингеренциите на градоначалничката Арсовска конкретно во градот Скопје. Не постои законска можност за одземање на тие ингеренции“,

рече тој.

За изгледите дека Орце Ѓеорѓиевски може да биде кандидат од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје на локалните избори идната година, „360 степени“ пишуваше уште во мај годинава.

Тогаш Ѓеорѓиевски со речник на политичар го обмислуваше одговорот за тоа дали е точна и јавната перцепција и шпекулациите – дека може да биде избор на неговата партија за кандидат за прв човек на Град Скопје на локалните избори в година.

Неговиот одговор тогаш беше:

„Мислам дека би бил добар градоначалник на Град Скопје подеднакво како што сум добар градоначалник на Општина Кисела Вода. Не е добро самите за себе да зборувате, подобро е граѓаните тоа да го кажат, но мислам дека евидентно е оти граѓаните се задоволни од нашата работа. Сепак, нашите партиски органи, ЦК и ИК ќе одлучуваат за таа постапка“.

- Реклама -