Ѓоковиќ му се приближува на Федерер

Триумфот на турнирот во Пекинг придонесе Новак Ѓоковиќ значително да ја намали негативата во однос на Роџер Федерер, па сега Србинот заостанува само 835 бода зад прворангираниот светски тенисер.

Ѓоковиќ извесен период беше на чело на АТП листата, од каде што беше симнат токму од Федерер по успехот на Швајцарецот на Вимблдон. Сепак, српскиот тенисер не крие дека негова желба е да ја заврши годината на првото место на АТП листата.

„Знам дека имам реални шанси да ја завршам оваа 2012 година на првото место. Сепак, не сакам да се занимавам со математика, мое е да се подготвам најдобро што знам за турнирите, а резултатите ќе го кажат своето кога станува збор за рангирањето“ истакна Ѓоковиќ.

Лесно може да се случи Србинот веќе следната недела повторно да се најде на чело на АТП листата, доколку во негов прилог одат резултатите од турнирот во Шангај. Ниту тој, ниту Федерер, лани не учествуваа на овој турнир, па сега не бранат бодови, но Новак би го минал швајцарскиот ривал доколку успее да го освои турнирот, а Федерер биде елиминиран во раната фаза, најдоцна до четвртфиналето.

Дури и доколку тоа не се случи, Ѓоковиќ наскоро би требало да се најде на првото место бидејќи потоа следат неколку турнири што лани беа освоени од страна на Федерер, па Швајцарецот до крајот на годината ќе брани огромен број бодови.

- Реклама -