Гир: Потребни се напори и од Скопје и од Софија за развивање на добрососедските односи

И двете страни, и Северна Македонија и Бугарија, треба да вложат подеднакви напори за развој на добрососедските односи, изјави евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.

„Потребни се напори и преземање обврски од двете страни, во добра волја за да се развијат овие позитивни односи, и двете страни да направат напори за имплементација на Договорот за добрососедство, за тој да се имплементира во добра волја за да има корист двете страни“, рече Гир во одговор на новинарско прашање на отворањето на Јуроп хаус во Битола, посочувајќи дека сите земји имаат корист од развој на добрососедските односи во контекст на развивање на економијата, креирањето на нови работни места, културата и целото општество.

„Она што е најважно е дека сите страни треба да направат сѐ што е можно сѐ со цел да се креира атмосфера тие односи да бидат попродуктивни и покорисни колку што е можно повеќе“, подвлече Гир.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Според него, во контекст на Договорот за стабилизација и асоцијација, којшто е првиот договор за односи со ЕУ, и во контекст на пристапните преговори, како што рече, секогаш е од огромна важност да се развиваат добри релации во контекст на добрососедски односи.

„Она што сакаме ние да видиме е оваа земја да биде оценета врз основа на напредокот што ќе го постигне во процесот на реформи и сите напори треба да се фокусираат на тоа, на креирање работни места, развој на енергетскиот сектор, животната средина, владеење на правото, она што директно влијае врз животот на граѓаните“, заклучи тој.

Извор: МИА

- Реклама -