„Какви било одлуки коишто се носат во рамките на ЕУ, какви било мерки коишто се преземаат со цел справување со енергетската криза, секогаш во нив е вклучен регионот на Западен Балкан, затоа што во овој момент и ЕУ и Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици“, изјави денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, амбасадорот Дејвид Гир, прашан за помошта од Унијата за земјите од Западен Балкан за справување со енергетската криза во контекст на новиот пакет санкции против Русија кој го подготвува ЕУ, а кој, поради односот на Белград (невоведувањето санкции) кон официјална Москва, не вклучува изземање-дерогација за регионот.
„Што се однесува за поддршката на ЕУ во енергетскиот сектор, би сакал да подвлечам дека ЕУ обезбедува значителна финансиска поддршка за областа на енергетика, прво и првенствено преку т.н. зелена транзиција во обезбедување на обновливи извори на енергија, преку инсталација на различни фотоволтаици во термоелектраната ‘Осломеј’, и исто така во зголемување на енергетската ефикасност во јавните згради, сѐ со цел да можат да се соочат со енергетската криза. Како трето, ЕУ исто така обезбедува финансиска помош за гасната транзиција, преку поврзување на интерконекторите од Република Грција кон Република Србија и Косово и таа финансиска помош во овие сфери на ЕУ се разбира дека ќе продолжи и во иднина. Се разбира дека таа поддршка е на среден и на долг рок“, изјави Гир.
Во однос на снабдувањето со електрична енергија и со соочување со високите цени на електричната енергија, вели евроамбасадорот, Западен Балкан исто така е вклучен во тие одлуки и што е најважно, според него, е што секогаш кога ЕУ презема или кога одржува какви било состаноци, Западен Балкан секогаш е дел од тие дискусии.
„Најдобар доказ за тоа е дека веќе вашата земја и другите партнери од Западен Балкан се дел од дискусијата во ЕУ, а вашата земја е исто така дел на заедничката енергетска платформа на ЕУ и активно придонесува кон таа платформа“, рече Гир.
Во контекст на тоа каков нов пакет санкции планира ЕУ да преземе во врска со ситуацијата со Украина, тој вели дека не би можел сега да коментира во врска со таа одлука, но, вели, штом се донесат одлуки во Брисел, ќе биде во можност да ги објасни подетално.
„Меѓутоа, што се однесува до Република Северна Македонија, навистина ги има усвоено и спроведено сите одлуки и санкции коишто ЕУ ги има преземено кон Русија поради нападот врз Украина и разбрав дека Република Северна Македонија ќе продолжи да функционира во склоп на тие одлуки. Исто така, би сакал да подвлечам дека во однос на спроведување на санкциите на ЕУ спрема Русија, навистина Северна Македонија претставува пример во овој дел“, рече евроамбасадорот.
Извор: МИА