Гир: Апсолутно ги почнавте преговорите со Европската Унија

„Добра вест е што минатата недела Европската Унија почна преговори за членство со Северна Македонија и Албанија. Тоа се одлични вести, тоа е историски развој и за засегнатите земји, но и за ЕУ. И отидовме чекор понатаму, на истиот ден почна скрининг процесот. Значи одбројувањето до влезот на Северна Македонија во ЕУ почна“, изјави вечерва евроамбасадорот Дејвид Гир.

„Апсолутно ги почнавте преговорите со Европската Унија и тоа е добра вест“, рече Гир во интервју за „Канал 5“ телевизија.

Во однос на разликите во документите за Северна Македонија и Албанија, Гир рече дека е релативно нормално да има разлики меѓу секој пристапен процес во одреден степен.

„Во овој случај се сведува на следното: Го имавме тоа што се нарекува меѓувладина конференција минатата недела со што го почнавме процесот. Сега го почнавме и скрининг процесот. На крајот од тој процес Северна Македонија ќе ја има втората меѓувладина конференција и за да се одржи истата, Северна Македонија треба да ја исполни обврската која ја направи кон Бугарија, за да го промени Уставот со цел да има експлицитна одредница за лица и граѓани кои се идентификуваат како Бугари, во заштитата на самиот Устав“, појаснува Гир.

Но, вели евроамбасадорот, бидејќи овој услов е во рацете на Северна Македонија, тоа на никаков начин не треба да резултира со одлагања или да служи како пречка на процесот, бидејќи, според него, нема ниту една страна или држава која би спречила одржување на оваа втора меѓувладина конференција.

Гир појаснува дека има две фази во скрининг процесот. Првата фаза, вели тој, се нарекува Објаснувачки скрининг и тоа е кога Европската Комисија заедно со Северна Македонија и Албанија го разгледува целосниот процес и гледа што треба да се направи за време на тој процес. Според Гир, двете земји се доста напредни во тој поглед поради подготвителната работа која се случи низ годините.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Потоа, додава тој, има втора фаза, или Билатерален скрининг, кој, според него е многу структуриран и интензивен во дијалогот и кој може да трае од 14 до 16 месеци во целост, а во кој Европската Комисија ги гледа нормите и законодавството во сила во Северна Македонија и во Албанија, ги гледа празнините, идентификува каде тие празнини треба да се пополнат и идентификува кои одредници се потребни да бидат направени за напредок.

Во однос на промената на македонскиот Устав и што доколку не се случи, евроамбасадорот нагласи дека тогаш најверојатното сценарио би било дека процесот ќе застане таму.

„Промената на Уставот е суверена одлука на оваа земја. Но, земјата веќе има добар извештај за меѓуетничките односи и доколку се направи таа промена, тоа дополнително ќе го зацврсти напредокот кој е направен на тоа поле. Доколку промената на Уставот не се случи, јас би рекол дека најверојатното сценарио би било дека процесот едноставно ќе застане таму. Со други зборови скринингот ќе продолжи до одредена точка и потоа ќе застане да ја чека државата“, рече Гир, појаснувајќи оти тоа не е бидејќи трета држава ставила вето, туку дека самата држава одлучила да се повлече од обврските кои ги преземала по ова прашање.

Станувањето членка во ЕУ, како што дополни тој, зависи од брзината со која се спроведуваат реформите.

„Јас сум многу уверен. Почнавме преговори, земјата има причина да биде оптимистична и да биде уверена во својот идентитет и во својата европска перспектива. Мислам дека процесот се движи со позитивна динамика напред, но има многу работа, многу реформи пред земјата да стане полноправна членка на ЕУ“, порача Гир во интервјуто за „Канал 5“.

МИА

- Реклама -