Героски до Спасов, но и Владата: Тужете и апсете, Јовче ќе ви направи список!

„Профа, верувам дека знаете дека постои граѓански закон со кој се казнува навредување и клеветење. Максималните казни се утврдени со законот. Пред да се декриминализираат навредата и клеветата од Кривичниот законик, Груевски и неговата пропаганда се ложеа на драконски казни за новинарите, до степен да пропаѓаат медиуми и луѓето да губат станови и друг имот. Груевски тоа го научи од Слобо Милошевиќ. Чинам дека на Вас не ви прилега таа теза“, му пишува Бранко Героски во коментар на статусот на Ѓорѓи Спасов, во кој Спасов побара казнивост за новинарите кои измислуваат и извртуваат факти, поставување на минимум услови за извршување на новинарска дејност, па дури и ветинг за новинарите.

„Второ“, продолжува Героски, „македонските нивинари имаат Етички кодекс. Треба да се иновира, но го има. Постојат две саморегулативни тела кои функционираат – Жалбената комисија на СЕММ и Судот на честа на ЗНМ. Може и подобро, но има.

Трето, правник сте, не сте пекар или апотекар. Ве молам, консултирајте ја праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во врска со оваа проблематика (навреда и клевета). Можам да Ве упатам. Морате да го сторите тоа, бидејќи и нашиот закон се повикува на таа пракса, зашто Македонија е потписничка на Европската конвенција за човекови права. Вие барем би требало сето ова да го знаете.

Четврто, втор пат ја слушам идејата да се воведе законска можност некому да се забрани да се занимава со новинарската професија. Односно професијата да се лиценцира. Пред Вас таков предлог имаше само Мирка Велиновска.

И петто, една група новинари веќе подолго време се залагаме за минимална законска регулација на интернет порталите. Тој што цело време се противи на тоа е Владата на Република Северна Македонија“, коментираше Героски.

Потоа тој со уште пожестока критика продолжи на својот Фејсбук профил, објавувајќи го следниов статус:

„ТУЖЕТЕ И АПСЕТЕ, ЈОВЧЕ ЌЕ ВИ НАПРАВИ СПИСОК!

Со каква леснотија некои луѓе ги отфрлат вредностите за кои некогаш заедно се боревме. Преку ноќ стануваат цензори и бедни апологети на новата автократија. И згора на сė, мене ме обвинуваат – јас сум ја предал ‘каузата’. И не само мене…

Море марш таму, идиоти едни! За вас важи онаа народната – дај му малку власт на човек и види го каков е. Ви дадовме власт, видовме какви сте. Чест на исклучоците, ама опасно нė разочаравте. Ги поткопавте темелите на нашата заедничка куќа. За самите да бидете газди во неа. Исплашени дека некој ќе ви го грабне тоа задоволство, о бедни и ситни душички!

Поздрав од ‘суетнио’… Сега може слободно да тужите. Тужете ги сите што не ви се допаѓаат. Море, уапсете ги веднаш! Јовче ќе ви направи список…😂😂😃 “

- Реклама -