„Мицевски вели дека парите не ги платил како авторски хонорар, туку на сметката на Меѓународен сојуз. Хмммм… Бабата на чија сметка биле уплатени парите сведочеше дека ги подигнала и дека потоа некоја жена ѝ ги зела. Арафат Муареми од Финансиската полиција јавно изјави дека порано ја испитувале трансакцијата на сметката на бабата, но дека не нашле ништо сомнително“, сумира новинарот Бранко Героски откако денеска по вторпат во Обвинителството исказ за случајот „Рекет“ даваше бизнисменот Силјан Мицевски.
Како што пренесе МИА, Мицевски бил повикан да објасни каде ги уплатил 720-те илјади евра кои наводно завршија на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска од Скопје, која тврдеше дека парите ѝ ги земале претставници од хуманитарната „Меѓународен сојуз“ на Боки 13, уште веднаш по подигнувањето од банката.
Мицевски, меѓутоа, денес тврди поинаку, барем во јавноста.
„Не сум дал пари на пензионерка. Пари сум дал на Меѓународниот сојуз и нормално дека ќе си ги барам назад“, рече бизнисменот пред да влезе во Обвинителството, за потоа, по околу два часа, на излегување да додаде:
– Како се договоривте со Mеѓународниот сојуз? – Со договор.
– Како ќе си ги вратите парите? – Ќе го прашате Бојан.
По исказот, Мицевски искоментира и дека дошол на своја сопствена иницијатива.
Во меѓувреме, ИРЛ (Истражувачка репортерска лабораторија) потсети дека на сметката на „Меѓународниот сојуз“ ги нема парите за кои Силјан Мицевски тврди дека ги префрлил на име на организацијата.
„Истражувачка репортерска лабораторија пред речиси еден месец ги побара годишните сметки на оваа организација и од нив може да се види дека за две години, колку што постои Меѓународниот сојуз, имало вкупно 5.500 евра“, велат од ИРЛ, додавајќи дека ова не му е првпат на Мицевски да се премисли за тоа каде ги платил парите. Пред еден месец телевизија „Телма“ објави изјава од бизнисменот, во која тој тврди дека парите ги префрлил на име на Тодоровска затоа што знаел дека е нејзина идеја, потсетува ИРЛ.
За навистина смешните суми на сметката на „Меѓународен сојуз“ пишуваше и самиот Героски, ТУКА.
Имајќи ги во предвид овие околности, се чини оправдан сомнежот што новинарот Героски го искажува во продолжение на својот Фејсбук пост.
„Имам впечаток дека некој овде опасно лаже, а можеби и лажира документација. Се надевам дека обвинителката Русковска е внимателна. Зашто, станува збор за 750.000 евра, за кои сè уште не се знае кај се“, предупредува Героски.