Геро: Вечерва плаче за оставки на Бихаќка

Неколку часа пред Кривичниот суд да ѝ определи триесетдневен притвор на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, на адреса на тројца мои пријатели ковертирав коментар, во кој напишав дека сė во врска со Јанева и аферата „Рекет“ засега се одвива според сценариото за кое слушнав пред десетина дена. „Финишот треба да биде домашен притвор и на крајот банално обвинение, за жената да не била претерано посрамотена“, напишав, но предупредив дека не знам дали тоа сценарио ќе се обистини.

За среќа, се покажа дека моите страхувања биле неоправдани. Се разбира, не сум наивен и сѐ уште не можам да потврдам дека постои целосна спремност оваа афера да се затвори на тој начин што ќе има и правда и политичка одговорност. Медиумите и јавноста треба случајот да го следат внимателно, бидејќи постојат очигледни тенденции за забавување на истрагата, за нејзино дефокусирање, но и притисок таа да се ограничи на тројцата осомничени. А тоа, како што на сите ни е јасно, нема да биде можно

Кога велам дека случајот мора да се следи внимателно, ги предупредувам колегите новинари, особено оние од помладата генерација, внимателно да ги слушаат исказите и да ги читаат коминикеата на обвинителите, за да не ни се случи она што ни се случи вчера – медиумите, главно поради површност и од незнаење, ја доведоа во заблуда јавноста, со тврдењето дека Катица Јанева е уапсена за мебел од 5.000 евра.

А соопштението на обвинителите беше совршено јасно: Катица Јанева ја искористила својата службена положба и овластувања, кои ги има согласно законите, па за себе и за двајцата осомничени, против кои се води истрагата, прибавила имотна корист во значителен износ, и тоа за себе предмети – мебел во износ од 298.000 денари, кои за неа ги набавил еден од осомничените, а за двајцата осомничени прибавила имотна корист од 1,5 милиони евра. Јанева е осомничена за кривично дело Злоупотреба на службена положба по член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Ставот 3 прецизно кажува дека за прибавување „имотна корист во значителен износ“, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку 3 години.

Сево ова уште синоќа го напишав во Фејсбук, во обид барем еден дел од јавноста да ја сфати тежината на одлуката на обвинителката Вилма Русковска да ја осомничи „ризичната“ и „опасна“ Катица Јанева, за дело за кое е запретена висока затворска казна. Тоа, заедно со одлуката на Управата на јавни приходи да изврши контроли кај физичките и правните лица поврзани со случајот „Рекет“ (невладината организација Меѓународен сојуз, БМЈ груп, 1ТВ и други), покажува дека во еден дел од контаминираниот правосуден систем, сепак, постои волја овој скандал правно да се расчисти до крај. И затоа, како новинар кој ја отвори аферата, уште еднаш упатувам апел до сите кои немаат мир без правда (било како засегнати, било како обични луѓе кои се срамат од ова што ни се случува пред очите), да ја поткрепат истрагата. Ако можат, да помогнат. Ако не, да не одмагаат. Без фаули, молам.

 

Целата статија на ПлусИнфо

- Реклама -