Германските пратеници одбиваат покачување плата

Пратениците во германскиот парламент оваа година ќе се откажат од редовното покачување на платите, поради кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, јавуваат германските медиуми.

Нивната плата во моментов е 10.080 евра, а во јуни требаше да се зголеми на 10.345 евра.

Покрај тоа, пратениците добиваат 4.400 евра за други трошоци.

„Веруваме дека покачувањето на платата на пратениците за време на најголемата криза што ја погоди Германија последниве години би било проблематично“, рече еден од лидерите на демохристијанскиот пратенички клуб, Михаел Гросе-Бремер.

Другите парламентарни партии исто така изразија подготвеност да се откажат од покачувањето.

Така, претседателот на пратеничкиот клуб на Социјалдемократската партија Ролф Мицених рече дека социјалдемократите се подготвени да се откажат од зголемувањето на платите и тој верува дека наскоро ќе биде постигнат договор со претставниците на другите парламентарни партии.

Претставникот на либералдемократите Марко Бушман рече дека би било логично пратениците да се откажат од зголемувањето кога бизнисите низ целата земја забележуваат огромен пад на прометот и кога се воведуваат мерки како што е скратеното работно време.

Пратеникот од Алтернатива за Германија Стефан Бранднер се залага и за укинување на правилото дека парламентарните плати автоматски се приспособуваат на платите на федералните судии.

- Реклама -