Германскиот град што буквално се распаѓа

„Штауфен не смее да се распадне“.

Во септември 2007, во стариот историски град Staufen на југозападот на Германија во близина на границата со Франција, беа избушени 7 дупки со намера да се искористат геотермалните извори на енергија под градот.

Две недели по бушењето, на објектите почнаа да се појавуваат првите пукнатини. Беа последица на „потекувањето“ на тлото и кревање на површината на земјата. Во најмалку две студии беше докажано дека до тоа дошло како последица на геотермалните бушења, а не на земјотрес или нешто слично.

Како? 

Под Штауфен лежи слој од анхидрат, а под него слој од подземна вода. Разделени се од тенок каменест слој наречен Којперова формација. Со финална длабочина од 163 метри, овие бушотини ја пробушиле бариерата меѓу двата слоја, па дошло до мешање на водата со антихидратот. Со нивно мешање се добива гипс, кој конкретно во случајов зазема 61% повеќе волумен, што прави земјата да потекува.

Како резултат, геодетските мерења во 2016-та покажаа дека градот во својата централна област (каде што се извршени и бушењата) се подигнал за 58 сантиметри во период од 8 години. Хоризонтално се поместил за 42 сантиметри.

Тоа не би било проблем кога поместувањето би било рамномерно. Но не е, дури ни во рамките на еден објект, а такво не можат да издржат ни модерните згради. Многу од објектите во Штауфен, пак, се изградени во 1546 година.

Очекувано, во некои делови често доаѓа и до поплави.

Се проценува дека се оштетени повеќе од 269 објекти. Геотермалната компанија веќе ја плати договорената отштета од 1 и кусур милиони евра, но според поновите проценки штетата изнесува над 50 милиони евра.

Од 2009-та почнаа напори за спасување на градот. Главно се одвиваат преку испумпување на подземната вода од други канали, за да се намали притисокот и да не се искачува низ бушотините до слојот со анхидрат. Подигнувањето на тлото, како резултат, е намален од првичните 11 милиметри на 3.5 милиметри месечно. Но и тоа е доволно за зградите да продолжат да се распаѓаат. Колку и да се трудат, потекувањето на тлото ќе запре само тогаш кога ќе прекине дотокот на подземна вода, што нема да се случи во скоро време, а можеби и никогаш.

Со сличен проблем се соочуваат уште 8 други германски градови. Потекнуваат од времето кога геотермалната енергија забрзано се популаризираше, но сé уште не беше регулирана. Германија оттогаш научи од грешките, но малку фајде од тоа ќе има за Штауфен.

- Реклама -