Германски политичари бараат Авганистанците кои одат на одмор во татковината да го изгубат статусот на азиланти

Германски политичари повикаа на итно губење на статусот азилант, откако медиумите објавија дека Авганистанци кои добиле азил во Германија поради прогон во нивната татковина, редовно патуваат во Авганистан – на одмор.

– Германија мора да остане отворена земја, но не и наивна. Властите мора да гарантираат дека лицата кои бараат помош од нас, но истовремено одат на одмор во земјата од која побегнале, брзо ќе го изгубат статусот на азиланти и ќе ја напуштат Германија, изјави за дневникот „Билд“ Јоаким Штамп, комесар на германската влада за миграции од Либерално-демократската партија (FDP).

Штамп истакна дека германската влада се обидува да воспостави ред во миграциите и дека ваквите вести се „контрапродуктивни“. Тој ги повика федералните покраини и градови, кои се надлежни за обработка на барањата за азил, заеднички да работат на откривање на ваквите случаи.

Телевизиската станица RTL пред неколку дена објави репортажа за патувањата на Авганистанци, кои имаат азил во Германија, а редовно патуваат преку Иран во Авганистан. Според репортажата, на граница им се печати визата на посебен документ, кој по враќањето во Германија се отстранува за да се сокрие вистинското потекло на патниците. Патувањата се организирани од туристичка агенција во Хамбург.

Прочитајте и:  Холандија побара да ја напушти заедничката регулатива на ЕУ за азил

Портпаролката на канцеларијата за миграции во Хамбург изјави дека патувањето во земјата од која лицето бара заштита автоматски го исклучува правото на азил во Германија. Сè повеќе политичари јавно се залагаат за депортација на странци дури и во земји како Сирија и Авганистан, особено на оние со криминални досиеја.

Дискусијата ја започна самиот канцелар Олаф Шолц, по убиството на полицаец од страна на Авганистанец во јуни. Шолц тогаш најави „масовни депортации“ во земји како Сирија и Авганистан. с

- Реклама -