Само мал број од барателите на азил од западнобалканските земји спаѓаат во „посебни случаи“.
Како што пишува „Дојче Веле“, ни тоа не е гаранција за останување, а згора на тоа, тие што ќе бидат одбиени веќе нема да можат да добијат ни виза.
Како што наведува DW, германскиот Основен закон гарантира право на азил за политички прогонетите лица, а барателите на азил од Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, по таа стапка баш и немаат шанса, бидејќи не може да им се признае дека се политички прогонети. Поконкретно, Германија кон крајот на 2015-та ги прогласи сите земји од Западниот Балкан за „безбедни земји“, т.е. земји во кои нема политички прогон.
Федералниот завод за миграција и бегалци (BAMF) оттогаш има одбиено 97% од сите барања за азил чии подносители се државјани од земјите од Западен Балкан.
Само мал дел по 2015-та имаат добиено статус на луѓе заштитени од германската држава, а тоа се луѓе кои барале да бидат признаени како „посебни случаи“.
Главните критериуми, патем, за „посебните случаи“ се должината на престојот во Германија, како и степенот до кој лицето барател е интегрирано или настојува да се интегрира во германското општество. Најважното прашање, сепак, е дали лицето ќе биде во состојба со својата работа да си ја обезбеди својата егзистенција.
Барателите на азил од земјите од Западен Балкан ќе мораат да бидат подготвени и на тоа дека ако нивното барање е одбиено, тоа ќе значи забрана за иден влез не само во Германија, туку и во целиот Шенген простор.