Германија не треба да е пречка во воената поддршка за Украина, вели Хабек откако Дуда најави меѓународна коалиција за воена помош

Германија не би требало да стои на патот на воената поддршка на другите земји за Украина, изјави денеска германскиот вицеканцелар Роберт Хабек, коментирајќи го притисокот на Полска да испрати борбени тенкови Леопард од германско производство во Украина.

„Германија не треба да стои на патот на другите земји да носат одлуки за поддршка на Украина, без оглед на тоа какви одлуки носи Германија“, рече Хабек во Берлин како одговор на новинарско прашање за иницијативата за создавање широка коалиција за снабдување со оружје на Украина.

Полска планира да испрати тенкови „Леопард“ во Украина како дел од меѓународната коалиција, изјави вчера полскиот претседател Анджеј Дуда при посетата на Лавов, пишува Гардијан.

Прочитајте и:  Претседателот на Финска: Доналд Трамп треба да биде сфатен сериозно за планот за завршување на војната во Украина

Тој рече дека се работи за 14 тенкови. Киев побара тешки воени возила како што е германското производство Леопард 2, што би претставувало значаен чекор во поддршката на Западот за Украина.

„Тенковите Леопард ќе бидат предадени во рамките на изградбата на коалиција. Сакаме тоа да биде меѓународна коалиција“, рече Дуда во Лавов.

Дуда вчера го посети Лавов, заедно со украинскиот и литванскиот претседател Володимир Зеленски и Гитанас Науседа.

Портпаролот на германската влада претходно изјави дека не е запознаен со никакви барања од сојузниците за испраќање борбени тенкови Леопард во Украина.

МИА

- Реклама -