Ова нема да биде една од оние вообичаени статии што ги читате по магазините за тоа како да заштедите, статии во кои се игнорира очигледното и ве советуваат дека најдобриот начин на штедење е да тргнете пари на страна. No shit, како нас не ни текна тоа?
Не, ова е приказна за Гери од Феникс, Аризона. Трикот што тој го користи за штедење (па и за профит) стварно е тешко да ти текне. Не се работи за некаква измама, ниту пак за нешто нелегално.
64-годишниот пензионер користи уникатна алатка за да направи парите буквално да му се вратат – црвен маркер. Да, добро читате. На секоја банкнота што ќе му помине низ раце, рачно ја пишува следнава порака: „Ве молам вратете ми ја оваа банкнота; Јас сум многу сиромашен“, заедно со неговата точна адреса.
Неговиот метод не е нелегален, бидејќи, се разбира, и ишкртаните банкноти се валидни. Гери едноставно ги замолува луѓето за пари, без да ги присилува на било каков начин.
Но неговата иновативност не застанува тука. Имено, Гери намерно користи главно банкноти од 1 долар, бидејќи знае дека шансите се поголеми луѓето да му вратат долар наместо 10-ка, 20-ка или поголема банкнота.
Вели дека таквиот систем е многу профитабилен, особено што бара минимум ангажман од негова страна. Дневно му враќаат по околу 2 долари, што значи дека месечно заштедува минимум 60 долари. Сепак, луѓето генерално се воодушевени од неговата итроштина, па често додаваат помали или поголеми бонуси во пликоата во кои му ги враќаат доларите. Сé на сé, Гери вака прави по околу 100 долари месечно.
Маркирани долари не му враќаат само од САД. Почесто отколку што претпоставувате писма му стигнуваат и од други делови на светот, од Холандија, па до Австралија. Веројатно да му испратите долар преку пошта ќе ве чини повеќе од долар, ама како што рековме, некои едноставно се многу великодушни, а други ја контаат шегата.
Зашто во крајна линија, е токму тоа – шега. Гери не очекува луѓето да го сфатат сериозно и затоа и не чувствува вина за тоа што го прави. Плус, вака сигурно нема да се збогати. Фино е, вели, што успева да си ги плаќа сметките, и најважно, што изнудува насмевка од луѓето.