Скопје, 31 октомври 2021 (МИА) – Центар останува во вистински раце, победуваме убедливо со речиси 2000 гласа разлика. Сакам да им заблагодарам на сите граѓани кои денес излегоа и ни ја дадоа поддршката. Центар останува демократска и отворена општина, истакна кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски.
Преку својот фејсбук профил, Герасимовски изрази благодарност до сите граѓани за поддршката и посочи дека веќе од утре започнуваат со работа.
– Веќе од утре започнуваме со работа да ја оправдаме довербата и да продолжиме да ја развиваме општината и да го подигнуваме квалитетот на животот за центарци. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам и на сите кандидати кои беа дел од изборите во Општина Центар и за демократскиот изборен ден, напиша Герасимовски.
Битката за прв човек во Центар Герасимовски ја водеше со Наташа Котлар поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.