Општина Центар дава целосна поддршка на петицијата потпишана од жителите што живеат во непосредна близина на клубот Интермецо и останатите локали лоцирани на „Народен фронт“. Станарите бараат ефективна интервениција на МВР и Државниот пазарен инспекторат и останатите институции за да им се реши проблемот со гласната музика, нарушениот ред и мир, дивеењето и отежнатиот сообраќај на делот од улицата каде се наоѓаат угостителските објекти.
-Ние, како општина, ги презедовме сите правни механизми што ни се достапни! Не помогнаа ни глобите ни казните. Овој проблем треба да се реши долгорочно а за тоа е потребна е координација и притисоци од страна на сите надлежни институции, вели Герасимовски.
Општина Центар петицијата ја проследила до МВР, Министерството за економија и труд, Министерство за животна средина и просторно планирање, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина, и побара да се одржи итна средба за решавање на проблемот на засегнатите станари.
На барање и поплаки на жителите за прекумерна бучава, Општина Центар во повеќе наврати го санкционирала спорниот локал со глоби, опомени и забрани за вршење дејност.
Инспекциската служба на Општина Центар, велат оттаму, и натаму ќе продолжи со санкционирање на сите угостителски објекти кои не го почитуваат законот, но за долготраен успех потребна е соработка на сите надлежни институции.