„Сите ние разбираме, особено правниците, меѓу кои и јас, дека не е можно, на кој било начин, со закон, да се измени меѓународен договор што е усвоен од грчкиот Парламент“, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во однос на Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
За време на тридневната расправа за гласање доверба на Владата, шефот на грчката дипломатија ги презентираше приоритетите на Грција во надворешната политика, а на прашање од пратеничката група на Курс на слободата, се осврна и на Договорот од Преспа.
Посочи дека „пратеничката група на Нова демократија, навремено излезе со став за Договорот од Преспа“ и укажале дека „постојат сериозни пропусти и грешки“, но дека сега мора да се спроведува.
„Внимателно го следиме спроведувањето на Договорот и ќе го направиме она што го налага нашиот национален интерес. Секако, сите ние разбираме, особено правниците, меѓу кои и јас, дека не е можно, на било кој начин, со закон, да се измени меѓународен договор што е усвоен од грчкиот Парламент, бидејќи има поголема моќ, во однос на класичните закони. Значи во овој момент претставува законски правен факт и ќе му служиме, но без во ниту еден момент да запреме да го следиме спроведувањето на Договорот од Преспа и да одговараме брзо и со национални рефлекси“, порача Герапетритис.
Во однос на приоритетите во надворешната политика, се задржа на односите со Турција, со САД, но и на кипарското прашање за кое рече дека Грција се залага за праведно, одржливо и взаемно прифатливо решение и нема да прифати решение на две држави.
За Турција, потсети дека на претстојниот НАТО Самит во Вилнус ќе се сретнат грчкиот премиер и турскиот претседател, а лично тој „ќе се обиде да изгради односи на меѓусебно почитување со неговиот турски колега“.
„Почитувањето на меѓународното право и практичната намера за соработка и дијалог остануваат наш компас во односите со Турција“, истакна шефот на грчката дипломатија.
Паралелно посочи дека Грција се стреми да ја реши, врз основа на меѓународното морско право, единствената разлика меѓу двете земји односно одредување на Ексклузивната економска зона и континенталниот гребен и со Турција не разговараат за демилитаризација на грчките острви.
МИА