Државните и политичките лидери на Северна Македонија одбраа да не го користат уставното име на земјата на домашната сцена, што претставува флагрантно кршење на Договорот од Преспа, изјави денеска во Луксембург шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАК).
– Договорот од Преспа предвидува име на државата кое ќе биде едно и единствено за севкупна употреба, а тоа е Северна Македонија, рече Герапетритис.
Тој нагласи дека сите мора да сфатат дека меѓународното право е основа на глобалниот мир и безбедност и дека тоа не е процес во кој ќе се избира тоа што некому одговара.
– Неприфатливо и незамисливо е членство во Европската Унија без целосна имплементација на европското законодавство и на меѓународното право и меѓународните договори, додаде Герапетритис.
Според него, Грција отсекогаш била движечка сила во пристапниот процес на земјите од Западниот Балкан во ЕУ и таа и натаму смета дека тоа е најдобриот пат и за државите од регионот и за Унијата.
Герапетритис ги осуди и заканите упатени од страна на Хамас кон Кипар, поради наводна поддршка на Израел.
– Се наоѓаме среде две ужасни војни – руската агресија врз Украина и војната на Блискиот Исток, кои за жал се во состојба на ескалација. Особено на Блискиот Исток, кога бевме инспирирани со надеж дека имаме мировна формула и мировен процес, сега имаме ескалација без никаков почит, изјави Герапетритис.
Тој истакна дека за Грција е апсолутно неприфатливо да се упатуваат закани кон суверена земја членка на Европската Унија , како што е Кипар.
– Сите стоиме зад Кипар и ќе бидат заедно во однос на сите глобални закани што доаѓаат од која било терористичка организација, нагласи Герапетритис.