Генијалното инженерство зад „обичната“ алуминиумска лименка

Како и повеќето луѓе, веројатно и вам никогаш не ви паднало на памет да виткате мозочни вијуги околу дизајнот и инженерските пикантерии на производството на лименките. Ама време е да се смени тоа, бидејќи лименката е инженерско ремек дело.

Притоа, формата не е случајно одбрана. На пример, лименката можела да има форма на топка. Така ќе нема слаби точки на конструкцијата. Ама тогаш би била непрактична, и за пиење, и за пакување. За пиење – зашто ќе се тркала. За пакување, затоа што кога ќе спакувате неколку топки во извесен пакет, 36% од просторот/волуменот остануваат неискористени. Формата можела да биде и квадарна. Тогаш, при пакување, искористувате 100% од просторот, но ризикувате многу слаби точки во конструкцијата на лименката, особено ќошевите.

Па така, лименката е комбинација од топка и квадар т.е. цилиндер. Така конструкцијата е поцврста, а при пакување искористувате 91% процент од просторот. Тоа е помалку отколку кај квадарот, ама е сепак добра бројка на искористеност.

Како се прави лименка?

Прво почнува како алуминиумска лента/фолија од која клип со цилиндрична форма отсекува круг со потребните димензии.

Тој круг потоа се лоцира над калап, држен од кружни држачи, и добива удар од цилиндричен клип со помал дијаметар од неговиот. Така се добива нешто налик на лимен пепелник.

Дискот од погоре, притиснат од цилиндричниот клип.

Тој лимен пепелник потоа добива уште еден удар од цилиндричен клип – пак со помал дијаметар, и поминува низ стеснувачки прстен, со што се добива потесен, ама малку подлабок цилиндричен сад.

Сепак, тој сад сé уште не е доволно висок за да биде лименка, па во процес наречен „пеглање“, поминува низ уште еден удар од цилиндричен клип, со тоа што сега калапот не е потесен, туку потесен е самиот прстен низ кој поминува садот. Со тоа се истенчува слојот од алуминиум што ги формира страничните ѕидови.

Во оваа фаза се формира и „куполата“ на дното на лименката. Верувале или не, со тоа се заштедува на материјалот потребен за производство на лименката. Од друга страна, со тоа се засилува и дното на лименката. Како што востановивме, кружната форма е поцврста од рамната, затоа што подеднакво го распределува притисокот од надворешните сили.

Рамното дно на лименката би било поподложно на оштетување и продупчување. Заобленото дно има поголема површина на која може да го распредели притисокот. За да ја постигне таквата цврстина, рамното дно би требало да биде многу подебело – оттука и заштедата на материјал.

Инаку, последниве три чекори се одвиваат во само еден продолжен удар од цилиндричниот клип, кој трае 1/7 од секунда.

Грлото на лименката, пак, е многу посложен процес. Поминува низ 11 фази на суптилно стеснување, за да не се оштети или извитка алуминиумот при менувањето на формата.

Запечатувањето на лименката, т.е. спојувањето на ѕидовите, исто така е генијално изведено, со двослојно запечатување; за разлика од порано кога лименките практично се заварувале одвнатре, но тоа ја компромитирало содржината на пијалокот. Денес тоа изгледа вака:

Се прави вака:

Капакот и отварачот на лименката се посебна приказна, со многу подробности. Најосновното објаснување е дека функционира на основа на лост. Порано лименките немале отвор на капакот – се отварале со специјален отварач (како за конзерва) со кој се продупчувала дупка за пиење. Но денешниот комплексен дизајн ја елиминирал потребата од таков дополнителен алат.

Сепак, за него, како и за сите други детали што свесно ги испуштивме во интерес на времето, ќе дознаете од генијалново видео во продолжение.

- Реклама -