Генетски модифицирани банани ќе спасуваат животи

Научниците во Австралија создадоа банана која е толку богата со провитамин А, што веројатно ќе спаси илјадници деца ширум светот кои секоја година редовно умираат од дефицит на витамини.

„Биозацврстената“ банана има златно-портокалова срцевина, и е развиена со земање на гени од специфичен вид на банана од Папуа Нова Гвинеја кој содржи високо ниво на провитамин А. Овие гени потоа се комбинирани со традиционалната Кавендиш банана, каква што можете да најдете во маркетите во било кое време од годината.

„Провитамин“, инаку, е термин кој им се дава на супстанците со малку или без витаминска активност, но кои можат да бидат конвертирани така што да носат обичен витамин. Витаминот А, пак, има серија од важни функции кои помагаат во растот, развојот, имуниот систем и подобрување на видот.

Еве како изгледа генетски модифицираната банана:

Новата банана е развиена од Универзитетот за технологија во Квинсленд, а на проектот се работело цели 10 години. Истражувањето е финансирано од Фондацијата на Мелинда и Бил Гејтс, кои за оваа цел донираа 7.6 милиони долари.

Најновите резултати покажуваат дека една од развиените нишки на бананите покажува дупло повеќе провитамин отколку што се стремеле научниците да постигнат. Тоа е одлична вест, но истовремено и причината што новата банана има златно-портокалово месо, вели професор Џејмс Дејл за Newsweek. Вели дека ова е значаен чекор и пресвртница во борбата да се достави што понутритивна исхрана до некои од најсиромашните заедници во Африка.

„Нашата наука работи. Пробавме и тестиравме стотици различни генетски варијации во нашата лабораторија, но и тестови на терен во Квинсленд, сé додека не ги добивме најдобрите резултати“.

Овие „провитамински“ гени сега се испратени во Уганда, каде ќе бидат „вбризгани“ во уганданските банани и ќе се вршат теренски тестови. Научниците се надеваат на добри резултати, кои ќе потврдат дека истиот процес може да се примени и во различни услови.

Варените банани се честа форма на храна во руралните делови на источна Африка, па зголемените нивоа на провитамин А во овие региони ќе им помогнат на локалните жители да ги исполнат своите хранливи потреби. Се проценува дека од недостаток на витамин А умираат околу 750.000 деца годишно. Многу деца, исто така, стануваат и слепи.

 

 

- Реклама -