Тодор Гечевски е најдобриот македонски кошаркар за 2012 година. Kако што претходно беше објавено, наградата за најдобар македонски кошаркар во странство оваа година сосема заслужено оди кај Перо Антиќ, кој успеа да стигне до фантастичен успех откако со тимот на Олимпијакос се закити со титулата европски шампион, што е најголемо достигнување во кариерата на овој одличен кошаркар.
Ова се главните две награди кои беа доделени на оние кои ја одбележаа македонската кошарка во изминатите 12 месеци. Гечевски пристигна како суперзасилување во МЗТ Скопје и целосно го оправда тој епитет, предводејќи ги „металците“ до својата прва титула во клупската историја. Покрај успешниот поход кон двојната круна во Македонија, Гечевски сега е вистински лидер на МЗТ Скопје и во дебитантаската сезона во силната АБА-лига.
– Благодарност до сите во МЗТ Скопје, до сегашните и поранешните соиграчи, до двата тренери што ми овозможија да играм во врвна форма. Без нив моите игри сигурно немаше да бидат на ова ниво – во свој стил, максимално скромно, изјави Гечевски по примањето на наградата.
Наградата за најдобар тренер во машка категорија му припадна на Александар Тодоров, сосема заслужено со оглед на леснотијата со која тој му ја донесе првата титула на МЗТ Скопје.
Најдобар тренер во женска конкуренција е Перо Стамески од Вигор Скопје, додека наградата за најдобра кошаркарка замина во рацете на Моника Гаврилоска. Интересно е што доаѓа до делба на наградата за најдобар млад кошаркар, за која идентичен број гласови добија извонредните Кристијан Николов и Андреј Магдевски, двајца млади асови кои се иднината на македонската кошарка.
Александра Стојановска од екипата на Бадел ја доби наградата за најдобра млада кошаркарка, Александар Милојевиќ повторно е избран за најдобар македонски судија, исто како и Бранко Андриевски од Вардар во категоријата за најдобар македонски младински тренер. Листата на наградени ја затвори Александар Домлевски од Бадел како најдобар младински тренер во женска конкуренција.