Во базата на Сојузот на спортски федерации на Македонија, се одржа редовното годишно собрание на ССФМ. На ова собрание предходеше седница на Управниот Одбор.
На дневен ред беа предложени неколку важни точки, вклучувајќи нов деловник за работа на собранието, извештај за активностите на сојузот во претходната година, финансиски извештај, како и извештај од надзорниот одбор.
Годишната програма за работа на Сојузот исто така беше дел од дискусиите, со посебен акцент на барањата од националните спортски федерации и општинските спортски сојузи за поголема автономија на ССФМ во креирањето програми и распределбата на финансиски средства.
Беа разгледани и критериумите за финансирање на настани, турнири и спортски манифестации од посебно значење за државата. На собранието присуствуваа вкупно 34 претставници од различни спортски федерации и општински сојузи.
Почетокот на официјалниот дел на собранието го обележа објавувањето на резултатите од конкурсот за дизајн на националниот дрес.
„Им се заблагодаруваме на сите учесници во конкурсот и се надеваме дека предложените идеи и дизајни ќе станат реалност, за македонските репрезентативци во колективните и индивидуалните спортови да добијат унифицирана спортска униформа, препознатлива во целиот свет“, изјавија од Сојузот на спортски федерации на Македонија.
Првото место на конкурсот го освои Александра Гаврилова, второто место му припадна на Марија Трајковска, додека третото место го зазеде Марко Поповиќ.




