Гаштаров: „За овој момент сонував од дете

Еден од дебитантите во репрезентацијата на Македонија за дуелите ќе биде и Матеј Гаштаров од екипата на Црвена ѕвезда. Младиот фудбалер очекува победа против Швајцарија во сабота, но и на секој друг натпревар, затоа што како што вели и самиот: за Македонија се остава срце на терен.

„Во сабота очекувам победа. Да одиграме максимално, да оставиме срце на терен за овој дрес. Секогаш одиме на победа, без разлика кој ни е противник. Ги почитуваме сите противници, но ние имаме свои квалитети и секако дека одиме на победа.“ – вели Гаштаров.
19-годишниот Гаштаров вели дека го живее сонот. Во само еден месец дебитираше за Црвена ѕвезда, а сега го очекува и првиот настап за репрезентацијата на Македонија. Вели дека не очекувал, но е подготвен за предизвикот.

„За овој момент сонував од дете, многу сум среќен и секако дека очекувам и да настапам. Одлично сум прифатен, како и што очекував. Работев многу на себе, дојдов и до првата екипа на Црвена ѕвезда, сега и за сениорската репрезентација. Подготвен сум да играм на било која позиција, да ја исполнам секоја задача од тренерот. Верував во себе, можеби не очекував дека во еден месец ќе дебитирам и за првата екипа на Црвена ѕвезда и на репрезентацијата, но подготвен сум за предизвикот.“ – додава Гаштаров.