Гаши: Во идната влада, коалиција „Влен“ е гаранција дека уставните измени ќе се усвојат

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши на денешната прес-конференција истакна дека албанската опозициска коалиција „Вреди“ е гаранција во идната Влада за усвојување на уставните измени. 

-Албанската коалиција „Влен“ е гаранција во идната влада дека уставните измени ќе се усвојат и за ова ќе имаме посебна рамка за мерките и роковите за спроведување на оваа обврска. Секако, нашето инсистирање е тие да се усвојат што е можно побрзо и преговорите за пристапување во ЕУ да започнат што поскоро. Мојот последен апел е да работите со голема трудољубивост, посветеност и грижа, со цел победата на 8 мај да биде што повеличествена. Убедени дека сето тоа вреди да се направи. Додека сме овде, морам да Ве повикам да бидете спокојни дека е само пропаганда тоа дека некој ќе ги блокира уставните измени и евроинтеграцискиот пат, рече Гаши.

На новинарско прашање дека тој претходно кажал оти до септември ќе се изгласаат уставните измени доколку влезат во влада, Гаши изјави дека тој не оперира со датуми, туку тоа го кажал фигуративно за, како што рече, да покажат дека сакат што побрзо да се донесат уставните измени.

-Јас не сум оперирал со датуми, но знаете кога зборувате за месеци и датуми понекогаш тоа е фигуративно за да покажете дека сакате што побрзо. Сега овој пат, во нашиот прес го употребивме зборот што е можно побрзо. Значи, навистина сакаме што е можно побрзо тоа да се случи, но треба да работиме, рече тој.

Потенцира дека процесот на уставните измени е комплициран процес и посочи оти за тоа е потребен широк  консензус и широка дебата, да се отвори дијалог и да се биде во контакт со пријателите од меѓународната заедница и со бугарската страна.

-Секој што ќе ви каже дека се ставаат црвени линии, се условуваат, тоа во вакви процеси се уверивме дека не е тој точниот пристап со кој би сакале да успееме. Ако сакаме да успееме, начинот е отворање на дијалог, инсистирање, работење искрено и сме убедени дека во оваа држава најголемиот број од политичките партии се за уставни измени и интеграција на земјата во ЕУ. Ако сакаме да одиме по тој пат, сите треба искрено да работиме во тој пат и уставните измени да се случат, рече тој.

Гаши потенцира дека уште не разговарале со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени. Посочи дека за нив најбитно е најпрвин да ја истераат изборната кампања за парламентарните избори.

-Не сме разговарале со ВМРО-ДПМНЕ за оваа тема, но и ги знаеме позициите. Процесот на кампањата на изборите треба да го истераме секој во своите кампови. Нас ни е битно да победиме на 8 мај со што поголем број на гласови. ДУИ ја напушти битката во албанскиот блок. Тие викаат дека не се натпреваруваат со нас, туку со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ. Ние сме единствени претставници на Албанците во овој блок. Но, многу ни е битен секој глас, секој мандат, секој пратеник. Тоа ќе ни даде поголема моќ при преговарањето со ВМРО-ДПМНЕ и за составување на идната влада, рече тој.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

Според Гаши, тие се единствени и легитимни претставници на Албанците на овие избори. Следствено, како што потенцира, ова нè обврзува да ги претставуваме Албанците и во идната Влада, каде што, меѓу другото, ќе раководиме со важни институции од секторот за внатрешни работи, кои се одговорни за санкционирање на криминалот и корупцијата, за да се бориме силно и директно против повеќеслојниот и долгогодишниот криминал и корупција.

-За нас, побитно е за што ќе се залагаме отколку какви министерства ќе земеме. Ние сакаме да се договориме за владината програма и еден од главните принципи да биде борбата против корупцијата и криминалот. Дали од „Влен“ ќе биде министер за внатрешни работи или од друга партија, нас ни е битно кој и да биде на таа функција – да се залага за тоа. Ние би сакале и тој сектор да се води еднаш од Албанците за да покажеме дека во Македонија немаме никакви предрасуди околу тоа кој какви ресори води, туку нас ни е битно кој колку квалитетно ќе ги води тие ресори. Но, најбитно е сите еднаш засекогаш да бидеме достојни на таа борба против корупцијата и криминалот и да замине во историја неказнивоста во оваа држава. Секој кој се огрешил и го прекршил законот, треба да одговара особено на висока корупција и особено политичка корупција, рече претседателот на Алтернатива.

За избирањето на шефот на државата од Собранието, Гаши потенцира дека тоа не е нивен услов при составување на идната влада. посочи дека и за ова прашање треба да се отвори широка дебата и широк политички консензус.

-При усвојување на идните уставни измени, да се донесе и одредба според која претседателот на државата ќе се избира во републичкото собрание, со што е можно поширок политички консензус, но и со поголема етничка кохезија преку двојното мнозинство. Избирањето на претседателот на државата од Собрание не е услов. Ние рековме широка дебата. За се што е потребно двотретинско мнозинство, секогаш треба да отворите широка дебата и консензус во државата, во Собрание. Не можете со условување да дојдете до две третини. Треба да се убедуваме, да отвориме широка дебата, да видиме дали тоа навистина е добро за сите граѓани и ако сите се убедиме дека тоа е добро – тогаш ќе пристапиме кон процедурата и гласање. Не е да поставуваме услови кога некој за тоа не е убеден. Сакам да се убедиме, да отвориме широка општествена дебата во сите политички стејк холдери и тоа да заврши со гласање на претседател во Собранието. Сметаме дека подобро е за граѓаните претседателот на државата да се избира во Собрание, изјави претседателот на Алтернатива, Африм Гаши. 

- Реклама -