„Тоа што не сакате вам да ви го прават, не би требало вие да им го правите на други“, им порача лидерот на Алтернатива – Африм Гаши, на Македонците и македонските политичари.
Опозиционерот од албанскиот блок вели дека во принцип почитува и поддржува секој човек, оттаму и секој народ, да се самоопределува како што се чувствува и да го брани и негува својот етнички, културен, верски и јазичен идентитет. Но, истовремено, потенцира Гаши, „тие кои се чувствуваат дека нивниот идентитет е загрозен во која било битна компонента, треба да знаат дека треба да го почитуваат и да им дозволат и на другите да го бранат својот идентитет во секоја своја димензија“.
Се разбира, Гаши зборува за Албанците, а проблемот, според него, е во тоа како е формулиран албанскиот јазик во Уставот, односно формулацијата „Јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, а кои не се мнозинство“. Во изјава за „Дојче веле“, Гаши вели дека ваквата формулација не само што е навредувачка и понижувачка, туку директно задира во јазичната идентитетска компонента на Албанците во државава.
Според него, Албанците секогаш застанувале во одбрана на идентитетот на Македонците и истото го прават и сега, но не наидуваат на реципрочен однос, туку напротив – „на Македонците им пречи дури да го спомнат нашиот јазик како албански“, вели Гаши.
„Секогаш кога на мета бил идентитетот на нашите сограѓани Македонци, сите граѓани од другите етнички заедници, а особено Албанците, застанале во одбрана и на страна на своите сограѓани, со кои ја делиме истата судбина и иднина и градиме заедничка држава. За време на тридеценискиот спор со Грција кој навлегуваше во идентитетската сфера, Албанците застанаа зад Македонците, но и сега, кога кулминираше спорот со Бугарија, Албанците повторно застанаа зад Македонците. Ние цело време покажуваме емпатија кон Македонците и така ќе продолжиме, но за жал тоа не е реципрочно“, обвинува лидерот на Алтернатива.
Оттука, тој очекува по резолуцијата за македонските „црвени линии“, сите македонски партии да предложат нова резолуција со која во Уставот и во законите ќе се промени навредливата формулација за албанскиот јазик, „ако сакаме да покажеме заемна почит и соживот во заедничката држава која ја градиме“, вели тој.
Инаку, Алијанса за Албанците и Алтернатива денеска изјавија дека својот став за резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ официјално ќе го соопштат утре, поради патување на лидерот на АА – Зијадин Села.