Гаши: Ќе поднесеме иницијатива за недоверба на Владата

Се собравме да докажавме дека имаме парламентарно мнозинство. Ќе поднесеме и иницијатива за гласање на недоверба на Владата, изјави вечерва лидерот на Алтернатива Африм Гаши, откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави дека има ново парламентарно мнозинство.

„Се собравме да докажеме дека имаме 61 пратеник со што ќе покренеме иницијатива за недоверба на влада. Понатаму ќе видиме како ќе течат процесите“, изјави Гаши за ТВ Сител по излегувањето од Собранието.

Според првиот човек на Алтернатива, денеска имало иницијатива за собирање потписи за интерпелација на Владата и тие како опозиција се потпишале, а потоа и се фотографирале за да докажат дека тие потписи се собрани.

„Ние како опозициска партија и коалиција нормално е дека се потпишавме на тоа и денеска пред крајот на денот, еве пред малку сите заедно ние што ги ги претставуваме тие партии седнавме, направивме една фотографија за докажеме дека тие потписи се собрани. Сега за сега тоа е единствената вест. Како ќе тече понатаму процесот ќе видиме, очекуваме да видиме како ќе реагираат и другите пратеници“, рече Гаши.

Прочитајте и:  СДСМ: Разрешувањето на Рамука е само еден чекор, тој мора и законски да одговара

Не станало збор за формирање Влада, туку, како што појасни, ова е прв процес за изгласување недоверба на Владата.

„Процесот се одвива заради интерпелација на Владата. Ако се изгласа недоверба тогаш почнуваат други рокови и тогаш почнува процесот за тоа кој ќе биде мандатар, каква влада ќе се состави. Тогаш ќе седнеме пак и ќе разговараме, но е битно да знаете дека Алтернатива нема да биде дел од Влада која би се повлекла од евроатлантските процеси интеграции. Мора нашата држава да застане, да остане членка на НАТО, да ги зацврстиме нашите односи, а европските интеграции мораме да ги забрзаме што побргу можеме. Ако некоја партија дел од Влада со тоа условува ние нема да бидеме дел од таква влада“, рече Гаши.

Извор: МИА

- Реклама -