Што се однесува до процедурата за отпочнување на процес на уставни измени, Гаши потенцираше дека парламентот и службите, во смисла на процедурата, се подготвени во секое време да го почнат процесот, но секако, нагласи тој, за тоа е потребна политичка волја и договор „за да имаме јасна перцепција, да не почнеме нешто што нема да успеее“
Собранието ги извршува своите овластувања на претежно задоволителен начин. Сепак, политичката поларизација во парламентот продолжи, одложувајќи го усвојувањето на важни реформи, нотира Европската комисија (ЕК) во најновиот Извештај за напредокот на земјава во 2024 година на патот кон Европската Унија во делот на работата на Законодавниот дом. ЕК и оваа година му забележува на Собранието за носењето закони по скратена постапка и злоупотребата на „ЕУ знамето“, нагласувајќи дека тие мора да бидат ограничени.
„Во ноември 2023 година, беа усвоени нови правила на процедури засновани на висок степен на консензус, со што се заокружија обврските од ‘Дијалогот Жан Моне’. Новиот парламент, конституиран во мај, успеа да најде широк консензус за спроведувањето на новиот Деловник, за потребата од конструктивна и инклузивна политичка дебата и треба да ја забрза својата работа за продолжување на реформите неопходни за интеграција во ЕУ. Парламентот треба внимателно да ја планира и усвои својата агенда и да ја ограничи употребата на брзи законодавни процедури или несоодветна употреба на процедурата ‘ЕУ знаме’, што беше практика досега“,
нотира Европската комисија во Извештајот.
ЕК забележува дека политичката поларизација на парламентот е присутна и понатаму и нагласува дека меѓупартиската соработка е од суштинско значење за да се забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, што е во интерес на граѓаните.
„И покрај обидите, досега не е постигнат напредок во усвојувањето на уставните измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите, како што е наведено во Заклучоци на Советот од 18 јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и постигне“,
стои во Извештајот.
Претседателот на парламентот Африм Гаши денеска на брифинг со новинарите информираше дека вчера и официјално му бил врачен Извештајот за напредкот на земјава и оцени дека истиот, во делот на работата на Собранието, е позитивен.
„Во делот на Собранието, вкупно оценката е позитивна, има мал напредок. Се обидуваме и наредната година ќе направиме се, преку реформската агенда да ги имплементираме сите препораки што се дадени во Извештајот што побргу“,
рече Гаши.
Во однос на забелешката за носењето на законите по скратена постапка и злоупотребата на „ЕУ знамето“, Гаши изјави дека прави максимални напори да се предлагаат закони по редовна постапка и нагласи дека ќе инсистира во иднина за сите предлог закони да има јавна расправа.
„Во Извештајот се нотира дека Собранието не го злоупотребува повеќе европското знаме, но ни се повторуваат скратените постапки. За жал, на почетокот на овој наш мандат, заради новиот закон за управа и работење на владата, повеќето закони кои ни додјода од владата, заради усогласување на имиња на институции и министерства, беа со скратена постапка. Правам максимални напори со сите пратенички партии и пратеници, но и со владата и министрите, бидејќи повеќето од предлагачите се министерствата, ги убедуваме да не предлагаат закони по скратена постапка. Ги убедуваме сите закони да ги предлагаат по редовна постапка затоа што е добро и за нив и за пратениците и за граѓаните, но и за заинтересираните страни за законите кои ги носиме“,
рече спикерот.
Што се однесува до процедурата за отпочнување на процес на уставни измени, Гаши потенцираше дека парламентот и службите, во смисла на процедурата, се подготвени во секое време да го почнат процесот, но секако, нагласи тој, за тоа е потребна политичка волја и договор „за да имаме јасна перцепција, да не почнеме нешто што нема да успеее“.
„Во однос на Собранието и службите, ние сме подготвени и се надеваме дека што побрзо ќе дојдеме до тој политички договор за да се отпочне тој процес што побрзо затоа што мислам дека навистина е од стратешко значење да ги започнеме преговорите што побргу и да станеме полноправна членка на ЕУ“,
порача претседателот на парламентот.