Гаши: Алијанса и Алтернатива ќе преговараат за влада само ако ДУИ не успее да постави премиер Албанец

Со неостварување на максимата за премиер Албанец ДУИ ќе го изгуби и легитимитетот на Албанците, стекнат и со помош на изборен поткуп и кражба на гласови, а коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива нема да влегуваат во преговори за влада сѐ додека тоа не се случи, вели лидерот на Алтернатива – Африм Гаши, во интервју за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

„ДУИ треба да проба Насер Зибери да биде премиер. Тие добија пратеници заради него и ако не можат тоа да го остварат, ќе треба да отстапат и ќе треба да се направат нови комбинаторики и ние како Алијанса и Алтернатива да започнеме преговори. Но имавме разговори со Зијадин Села и заклучивме дека нема да влагаме во преговори пред ДУИ да го истроши својот легитимитет“, рече Гаши.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

„Ние се спротивставивме за идејата премиер Албанец, мислејќи дека тоа е само симболика, а не содржина. И сега не можеме да ги излажеме нашите гласачи кои веруваа на овој концепт – за да одбраниме некој друг концепт“, додава Гаши, прашан околу повикот на Ахмети сите партии да застанат зад идејата на ДУИ.

Индиректно, меѓутоа, ваквиот став на коалицијата Алијанса/Алтернатива е во согласност со „албанската платформа“ која ја предложи ДУИ, особено со таканаречениот четврти столб кој го претстави Бујар Османи, а кој гласи:

„Пратениците на партиите кои не победиле не водат разговори на страна за да ги ослабнат преговарачките позиции на победничката партија (како во 2006)“.

Целиот разговор со Гаши погледнете го ТУКА.

- Реклама -