Галант: Нема да толерираме закани од либанскиот Хезболах

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска изјави дека на Израелците евакуирани од северот на земјата мора да им се дозволи да се вратат на таа територија.

Тој алудираше на речиси секојдневната размена на оган преку сината линија што ги дели Израел и Либан.

„Нема да ја толерираме заканата од иранскиот застапник Хезболах и ќе ја обезбедиме безбедноста на нашите граѓани“, рече министерот Галант.

Поради безбедносни причини, Израел ги евакуираше жителите од многу населени места на северот по ненадејните напади на Хамас на југот на Израел на 7 октомври, по што започна размената на оган со Хезболах.

Министерот Галант денеска во Тел Авив се сретна со американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток Амос Хохштајн и му порача дека има малку време да се постигне „дипломатско разбирање“ со екстремистичкиот Хезболах.

Прочитајте и:  Хамнеи: Апсење не е доволно, треба смртна казна за израелските лидери

„Има само еден можен резултат, нова реалност на северната арена, која ќе овозможи безбедно враќање на нашите граѓани“, рече Галант.

Тој додаде дека околу 80.000 Израелци се раселени од север и дека Израел е решен да го овозможи нивното враќање со промена на безбедносната реалност на северот на земјата, на границата со Либан.

- Реклама -