Г7 предупреди на страшни последици доколку Русија употреби нуклеарно или хемиско оружје

Берлин, 4 ноември 2022 (МИА) – Министрите за надворешни работи на земјите од Групата седум индустриски најразвиени држави (Г7) денеска соопштија дека ќе има сериозни последици доколку Русија употреби нуклеарно, хемиско или биолошко оружје.

„Неодговорната нуклеарна реторика на Русија е неприфатлива“, се вели во заедничката изјава на министрите, повторно повикувајќи ја Москва да стави крај на војната во Украина.

„Денес воспоставуваме механизам за координација на Г7 за да и помогнеме на Украина да ја поправи, обнови и заштити својата критична енергетска и водна инфраструктура“, рекоа тие на крајот од дводневната средба во Германија.

„Ние цврсто ќе ја поддржиме Украина колку што е потребно“, велат министрите, додавајќи дека земјите од Г7 се обврзале да и помогнат на Украина оваа зима.

Г7 повика и на мирно решавање на споровите во Тајванскиот Теснец и ја потсети Кина да се воздржи од закани или употреба на сила.

Прочитајте и:  Орбан: САД предводени од Трамп ќе ја напуштат војната во Украина

Групата седум најбогати демократии, исто така, соопшти дека ќе продолжи да го поставува пред Кина прашањето за пријавените прекршувања на човековите права во земјата, вклучително и во автономниот регион Синџијанг Ујгур и Тибет. Тие истакнаа дека ќе продолжат да бараат конструктивна соработка со Кина и дека нема промена во нивните основни позиции за Тајван, вклучително и наведената политика за една Кина.

Земјите од Г7 ги осудија активностите на руската платеничка компанија „Вагнер“ во Мали и на други места во Африка, каде нејзини борци се обвинети за кршење на човековите права.

„Згрозени сме од злоупотребите и прекршувањата на човековите права врз цивилите, вклучително и оние извршени од терористичките групи и од силите на Вагнер групата поврзани со Русија во Мали“, потенцираа во заедничката изјава министрите за надворешни работи на Германија, Велика Британија, Канада, Франција, Италија, Јапонија и САД.

- Реклама -