Инфраструктурната јапонска компанија Kandenko објави извонредно промо видео инспирирано од детските поп-ап книги, насловено како „Future with bright lights“, во кое 3D гратче „оживува“ благодарение на „магичното“ пенкало што пишува со сребрено мастило што пренесува струја.
Пенкалото е дело на исто така јапонската компанија AgIC, која победи на TechCrunch Tokyo стартап натпреварот во 2014-та. Во суштина се работи за технологија што се нарекува „printed electronics“ и која може да се вмрежи во „сé што постои на планетата“.
Од компанијата се надеваат дека уште повеќе ќе ја развијат технологијата и во иднина ќе можат да инсталираат електрични кола со сензори на тапетите за ѕидови т.е. создавање на „чувствителни“ ѕидови. Според извршниот директор Шинја Шимицу, тоа би помогнало во грижата и мониторингот на стари лица кои живеат сами, со тоа што ѕидовите би ги регистрирале нивните движења.