Функционер на Хамас најави договор за ослободување на заложниците во „наредните часови“

Високиот функционер на Хамас, Изат Ришeк, денеска изјави дека може да се постигне договор во „следните часови“ врз основа на кој палестинската организација ќе ги ослободи заложниците, а Израел палестински затвореници.

Лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, кој живее во егзил, претходно изјави дека постигнувањето договор е блиску, но слични предвидувања во изминатите недели се покажаа како прерани, потсетуваат светските агенции.

Израел, САД и Катар со недели посредуваат за ослободување на заложниците и паралелен прекин на огнот во Газа и испорака на повеќе хуманитарна помош.

Досега Хамас ослободи четири жени, а Израел две. Телата на две Израелки неодамна беа пронајдени во близина на болницата Ал Шифа на северот од Појасот Газа.

„Нема да престанеме да се бориме додека не ги вратиме заложниците дома, не го уништиме Хамас и не обезбедиме повеќе да нема закана од Газа“, изјави синоќа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по состанокот со претставниците на семејствата на заложниците.

Исламската екстремистичка организација Хамас и нејзините сојузници зедоа околу 240 заложници во Појасот Газа за време на нападите на 7 октомври во северен Израел, во кои исто така загинаа повеќе од 1.200 луѓе, главно цивили.

Прочитајте и:  ОН: Израелските доселеници протерале над 1.720 Палестинци од Западниот брег

Министерот за национална безбедност на Израел, Итамар Бен Гвир, утрово објави изјава во која предупредува за евентуалниот договор за заложниците.

„Многу сум загрижен затоа што се зборува за некаков договор … не ни откриваат детали и не ни ја кажуваат вистината. Гласините се дека Израел повторно ќе направи голема грешка на сличен начин како договорот за со Шалит“, се вели во изјавата.

Тој изрази загриженост дека „договорот може да донесе катастрофа“, наведувајќи го „можното ослободување на палестинските затвореници“, како и дозвола за внес на гориво во Појасот.

Во јуни 2006 година, милитантите на Хамас го киднапирале израелскиот војник Гилад Шалит. Тој бил заложник на Хамас до 18 октомври 2011 година, кога бил разменет за 1.027 палестински затвореници.

МИА

- Реклама -