Во моментов, преку 11.500 бегалци се сместени во импровизираниот бегалски камп на грчко-македонската граница во грчкото село Идомени. Минатиот месец се раширија гласини дека границата ќе биде отворена, што доведе до собирање на нови 2000 луѓе на оградата на границата, кои се надеваа дека можеби ќе можат да продолжат кон Европа. Грчките власти пробаа да ја убедат масата дека рутата преку Македонија останува затворена, но само илјада мигранти го послушаа барањето на властите да се вратат во засолништата во внатрешноста на земјата. Идомени требаше да биде затворен во април, но локалните полицајци велат дека „не постои реален план за евакуација, а и немаме појма каде тие луѓе би отишле ако го нема кампот. Новите кампови сé уште не се спремни“.
Минатиот февруари, грчкиот новинар Костас Кукумакас го посети местото. Според него, очајот внатре и надвор од кампот е лесно воочлив – бебиња плачат во прегратките на мајките, редовите за чекање храна се бескрајни. Во тие долги часови чекање, има една активност што е светла точка: фудбал.
„Додека шетав наоколу, трудејќи се да направам некоја стереотипна фотографија, Амид од Сирија ја шутна топката кон мене. Јас ја шутнав назад, а тој продолжи да ја води помеѓу шаторите поставени надвор од кампот. Група клинци веднаш му се придружија. Почнав да фотографирам со телефон, а за тоа време децата поставуваа два камења во замена за стативи на гол…“