Фрида Кало – симбол на страдањето

„Силата не доаѓа од физичкиот капацитет. Таа доаѓа од нескротливата волја” рекол Махатма Ганди.

Светот е исполнет со силни личности кои инспирираат со својата волја, а ние на 365 секојдневно ви претставуваме по некој таков човек за кој вреди да се пишува.

3-fridakahloresume_wordpress_1454573527

Талентирана, скандалозна, симбол на сопственото страдање и болка, вљубена до лудило – сето ова ја опишува Фрида Кало. Сликарката од Мексико, која никогаш не престанува да предизвикува контроверзни чувства кај секој кој слушнал за нејзината приказна, е родена во 1907 година во Којоакан.

Судбината ја соочува со илјадници искушенија кои за многу луѓе би се покажале фатални. Животот на Фрида е едно постојано страдање , во кое таа успева да пронајде инспирација за да го пресоздаде преку слики на белото платно.

2-fridakahloresume_wordpress_1454573501

Кога има само 18 години, Фрида Кало преживува тешка трамвајска несреќа. Со текот на годините таа претрпела повеќе од триесет операции, три неуспешни бремености, а кон крајот на својот земен пат ја губи и ногата.

Принудена е да поминува долги периоди врзана за креветот. Тогаш, за да го исполнува времето, таа почнува да слика . Потоа нејзиниот татко монтира огледало врз креветот и сликарката најмногу од сè го гледала сопствениот одраз. Тоа е причината зошто голем дел од нејзините дела се автопортрети.

5-www_fridakahlo_org_1454573502

“Во мојот живот имаше две големи несреќи. Едната беше трамвајска, а другата Диего. Диего е најлошата.”

Љубовта на животот на Фрида Кало е не помалку познатиот мексикански сликар, Диего Ривера. Нивната приказна е исполнета со среќни моменти, страдање, неверства, разделби и помирувања. Но љубовта меѓу нив не гасне до конечно час на сликарката. Самиот Диего го опишува денот на смртта на својата сакана, кој бил на 13 јули 1954 година, како најтрагичниот во неговиот живот.

6-www_textilemuseum_ca_1454573503

Подоцна куќата во која Фрида се родила и умрела – “Сината куќа”, е претворена во музеј. Најмногу посетители собира на Денот на мртвите, бидејќи се зборува дека има склучено договор со Смртта.

Во 2002 година е снимен биографски филм за нејзиниот живот. Издадени се десетици книги, објавени се статии и се насликани повеќе слики за Фрида Кало. Таа останува една од најпознатите во мексиканскиот свет, како и симбол за големото човечко страдање.

- Реклама -