Франција високо ги цени напорите на Бугарија за интеграција на Западен Балкан во ЕУ и развојот на добрососедските односи

Премиерот на Бугарија – Кирил Петков, оствари средба со државниот секретар за европски прашања на Француската Република – Клеман Бон, соопшти прес-службата на бугарската влада.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, се разговарало за приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската унија, кое започнува на 1 јануари 2022 година и ќе продолжи во наредните шест месеци, заштитата на надворешните граници на ЕУ, владеењето на законски и економски реформи.

Петков и Бон се согласиле дека се важни мерките на Европската унија за надминување на енергетската криза. Бон уверил дека Франција високо ги цени напорите на Бугарија во однос на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ и развојот на добрососедските односи. Бугарскиот премиер, од своја страна, го информирал францускиот државен секретар за главните приоритети на новата бугарска влада, која, како што истакнал, може да го искористи француското искуство во области како што е дигитализацијата.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Петков истакнал и желба за поблиска соработка меѓу Бугарија и Франција, во интерес на двата народа.

Средба со високиот француски претставник оствари и бугарската министерка за надворешни работи – Теодора Генчовска. Таа изразила поддршка за приоритетите на Франција пред да го преземе претседавањето со ЕУ и ги истакнала важните прашања од европската агенда на Бугарија, вклучително и преговорите за новиот пакт за миграција и азил, шенгенската реформа и политиката на проширување кон Западен Балкан. Според новата министерка за надворешни работи на Бугарија, стратешки приоритети за Бугарија продолжуваат да бидат влезот во еврозоната и Шенген зоната.

Извор: МИА

- Реклама -