Највисокиот административен суд во Франција ја суспендира забраната за носење буркини што ја донесоа неколку француски градови, нарекувајќи ја „сериозно и очигледно нелегална“.
Одлуката следува откако тројца судии од Државниот совет ја разгледаа жалбата поднесена од Лигата за човекови права и Колективот против исламофобија во Франција.
Conseil d’Etats (Државниот совет) изјави дека декретот со кој се забранија буркините „сериозно, и јасно незаконски, ги прекршил фундаменталните права, слободата на религиско убедување и индивидуалната слобода“, се вели во судската одлука.
Снимките од вооружените полицајци како заканувачки стојат на плажа во Франција и чекаат една муслиманка со буркини да излезе од водата, за да ја натераат да го соблече и да ѝ пишат казна, предизвика бурни реакции низ светот, кој будно ја следеше првичната одлука на Франција.
Забраната предизвика дебати околу секуларните вредности на Франција, женските права и религиозните слободи. Критичарите го споредија спроведувањето на забраната со репресијата врз жените во Саудиска Арабија и Иран, аргументирајќи дека владино мешање во изборот на женска облека е прекршување на човековите права во било кој контекст.
Аналитичарите по тероризам паралелно предупредија и дека забраната на буркините ќе ја разгори џихадистичката пропаганда, особено што една од примарните цели на исламистичките групации како што е ИСИС, е да ја портретираат Франција и другите западни земји како непријатели на муслиманите.
Инаку, во ниту еден од многу општо-срочените забрани не се однесуваше на буркините конкретно, иако неколку официјални лица дадоа до знаење дека ќе се таргетира конкретно муслиманската облека.