Нема да згрешиме ако кажеме дека популарноста на Foursquare нагло расте во нашата земја. Пример за тоа е неодамнешниот Foursquare MK Swarm собир во Т.Ц. Рамстор каде што повеќе од 200 луѓе го “заработија” Swarm беџот. Затоа и тимот кој стои позади оваа мала иновативна апликација константно работи на нејзиното усовршување. Денес, ќе ви ги претставиме трите нови карактеристики на Foursquare 3.0 кој вчера беше јавно лансиран.
Истражување (Explore)
За многумина, Foursquare е добар начин за пронаоѓање нови и интересни места низ градот. Со следење на вашите пријатели и нивните реакции лесно можете да пронајдете некое место по ваш вкус. Со подетално разработување на оваа тема, Foursquare сега има ново јазиче наречено Explore. Идејата позади Explore е навистина едноставна – напишете што сакате да најдете во моментот (food, coffee, bar, club) и апликацијата ќе ви ги покаже сите најблиски места со тој таг. Ќе добиете преглед и на посетите како и на коментарите кои ги оставиле посетителите. Можете да пребарувате и поспецифични работи како hamburgers, cocktails, rock music итн.
Охрабрување (Leaderboard)
Оваа карактеристика првпат беше претставена во првата Foursquare верзија која излезе во 2009 година. Функционира како систем за охрабрување на пријателите да излегуваат почесто, и да го истражуваат светот за подоцна да ги споредат резултатите со кругот пријатели. Новиот Leaderboard сега има барометар со случките од последните 7 дена. Тука можете и да погледнете какви места сте посетиле, подредени по категории како и на кое место се наоѓате во однос на вашите пријатели (според поените). Повеќе посети, повисоко место на ранг листата. Исто така, изменет е и интерфејсот, па сега ако појдете на профилот на некој пријател можете да го видите нивниот напредок, да видите кои категории ги посетуваат, како и листа на најпосетуваните места.
Лојалност (Specials 2.0)
Кога Foursquare започна како забава и интернет игра, бизнисите ја забележаа оваа платформа како можност за промоција и рекламирање. Затоа многу места го искористија ова на уникатен и интерактивен начин – наградување на посетителите. На пример, попуст за градоначалникот на тоа место или добивање на нешто бесплатно после 5 чекирања. Новите Specials сега се надградени. Имате можност да ги видите сите специјални понуди во околина, па ако решите да отклучите некоја од нив, ќе ја добиете понудената награда од бизнисот.
Затоа не чекајте! Веднаш преземете ја новата верзија на Foursquare и почнете со коментирање и истражување на светот. Со ваша помош, Foursquare секој ден станува попаметен и многу покорисен за сите нас.
[It all started with a check-in: the vision for #4sq3 and beyond]