По една недела срамежливи најави на нивниот профил на Твитер, најпосле пристигна новата апликација Foursquare, за iPhone и Андроид.
Сите оние кои очекуваа нови функции на оваа апликација, ќе наидат на разочарување. Единствената голема разлика помеѓу старата и новата апликација е во пакувањето, кое сега е многу, многу поубаво. Според луѓето одговорни за развој на Foursquare, постепените новитети кои беа внесувани, како на пр. „листи“ и „истражување“, сега требало само да се спакуваат соодветно. Тоа беше и сторено.
Отсега, кога истражувате со помош на Foursquare, предвид ќе бидат земени периодот од денот и временските услови, пред да ви биде дадена препорака. Во фидот се додани фотографии од пријатели и од местата.
За да го одржат чекорот со другите социјални мрежи, Foursquare воведоа опција со која ќе можете да посочите дека нешто ви се допаѓа. Но, наместо Like или Favorite, овде едноставно ќе треба да го допрете срцето. Исто така, фотографиите можат да се гледаат директно од фидот.
На претходната верзија, се прикажуваа местата каде што се наоѓаат вашите пријатели. На оваа верзија можете да ги видите и местата коишто ги посетиле.
Новите профили се компресирани на еден екран, со менија од кои ќе можете да одберете што сакате да погледнете кај специфичниот корисник. Листите се смалија во едно јазиче од менито.
Од Foursquare најавија дека се очекува ова лето да започнат со промоција на специјални понуди, како дел од нивната комерцијализација.