Фотографијата што се чека 6 години и 720.000 обиди

Она „труди се додека не успееш“ више стана ептен досадно, ама и понатаму продолжува да важи. Таков е и овој случај со шкотскиот фотограф Алан МекФадјен, кој потрошил цели 6 години и 720.000 обиди за да го начека и фотографира перфектниот момент кога птицата позната како „кингфишер“ („кралски риболовец“) заронува во водата.

600x437xperfect-photo3-600x437.jpg.pagespeed.ic.ncz8nxnNfL[1]

Посветеноста на Алан (46) е посветена на неговиот дедо Робер Мари, кој често го носел на прекрасното езерце близу Киркудбрајт, Шкотска, за му го покаже на својот 6-годишен внук местото каде што се мрестат кингфишерите. Токму тие прошетки од детството го инспирирале МекФајден да почне да се занимава со фотографија на 40-годишна возраст.

„Се сеќавам кога бев мало момче, дедо ми ќе ме донесеше да го видам гнездото на кингфишерите и се сеќавам дека бев тотално воодушевен од тоа колку се прекрасни овие птици. Беше извонредно колку брзо влегуваа во водата, со нивните брилијантно сини бои – не изгледаа реално, беа како куршум, толку беа брзи. Па, кога почнав со фотографија, се вратив на ова исто место за да ги фотографирам“.

Така, Алан доаѓал на езерото по неколку пати неделно и правел стотици фотографии на ден. Иако татко на три деца, на езерото поминувал по околу 100 дена годишно, вкупно 4.200 часа и 720.000 фотографии, сé додека на крајот не ја доловил неговата фотографија од соништата – кингфишер кој се нурнува во водата, без да прсне ниедна капка од водата.

perfect-photo[1]

„Нема многу луѓе што имаат направено ваква фотографија во светот. Кингфишерите нурнуваат толку брзо, како куршуми, затоа добрата фотографија бара многу среќа, и многу трпение. Јас се стремев кон совршеното заронување, совршено вертикално, без прскање. Тоа подразбираше да бидам на правото место во право време, но исто така и трпение додека некоја од птиците не го изведе“.

„Често ќе отидев и ќе направев по 600-тина фотографии во сесија, без ниту една добра. Но, сега погледнувам назад на илјадниците фотографии и сфаќам колку работа сум вложил. Никогаш вистински не запрев за да размислувам околу тоа, бидејќи уживав правејќи го, а сега кога ќе погледнам назад, навистина сум горд на фотографијата и сиот вложен труд“, раскажува Алан.

Единствено жали што ќе нема прилика да му ја покаже на дедо си. Семејството е исто така гордо на него и го уверува дека неговиот дедо би бил пресреќен. Алан вели дека обично не е емотивна личност, но тоа што неговиот дедо би се гордеел со фотографијата многу му значи. „Ме порасна како да ми е татко, и многу ми значи“.

А сега кога веќе ја има перфектната фотографија, Алан вели дека е премногу навлечен за да запре. „Веќе почнав да го земам мојот 8-годишен син со мене, а минатата недела за прв пат виде кингфишер. Мојот сон за него е да го прави истото. Никогаш нема да престанам да доаѓам овде и да ги фотографирам птиците. Ова е неверојатно релаксирачко место и јас просто го обожавам“, завршува фотографот, иако и самиот се сомнева дека некогаш ќе може да ја надмине фотографијата за која му требаа шест години.

- Реклама -