Фотографии од секојдневниот живот во страв од Сицилијанската Мафија

Летиција Батаљија не ги сака „Сопранови“ како што ги сакаше публиката, затоа што за неа Мафијата е подеднакво опасна како и Исламска Држава.

Летиција знае што зборува. Има 81 година и најголем дел од животот работела како фотограф на Сицилија, документирајќи ги разорните последици од организираниот криминал и корупција на островот.

„Кога ги гледам војниците на ИСИС, имам чувство дека се малку слични на Мафиозите“, вели таа. „Не ги лази мува за животот. Мафијата не ја лази мува за ништо друго освен за нивните интереси и парите, и не им е гајле кого ќе повредат попат“.

Батаљија ја почнала кариерата подоцна во животот, бидејќи чекала нејзините деца целосно да пораснат, па да ѝ се посвети на својата желба да стане новинар. Тоа подразбирало да го напушти својот сопруг бо 1971 и да се пресели во Милано, каде почнува да работи во весникарскиот бизнис.

Токму нејзината работа со пишаниот збор ќе ја катапултира во сферата на фотографијата. „Предложив неколку статии, а уредниците ме прашаа: ‘А слики?’ … Така, купив фотоапарат“, вели за СиЕнЕн.

Неколку години подоцна, еден анти-Мафија и анти-фашистички настроен весник ќе ѝ понуди работа како фотограф во Палермо, Сицилија. Батаљија ја прифаќа понудата и се враќа во родниот град, каде следните неколку декади ќе ја фотографира убавината, но пред сé бруталноста на живеењето во Сицилија.

Како што ќе се постават коцките, таа не можела да избере подобро време да се вклучи во фоторепортерството. Паралелно со почетокот на нејзината кариера, Сицилијанската Мафија ја почна нејзината транзиција од организиран криминал кон трговија со хероин, со што и почна масовното крвопролевање.

„Имаше експоненцијален пораст во мафијашкото насилство во времето кога Летиција почнувала“, вели Џон Дики – професор по италијански студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, за СиЕнЕн.

И навистина, до 1980-тите, сицилијанската мафија контролираше околу 80% од трговијата со хероин во североисточен САД, најчесто дистрибуиран преку италијанските пицерии поседувани од мафијата.

Како што се ширеше нелегалната економија, мафијашките кланови водеа сé пожестока меѓусебна војна за контрола на трговијата со дрога и приграбување на профитот што таа го носеше. Од 1981 до 1983 година, во бранот судири познат како Втора мафијашка војна, згаснаа илјадници животи, меѓу кои и новинари, полиција и народни избраници.

Војната заврши дури кога кланот Корлеонези уби доволно од своите противници за да ја освои контролата врз мафијата. Да се рече дека меѓу тие што преживејаа имаше победници и губитници ќе биде погрешно. „Победнички и губитнички кланови не постојат, затоа што губитниците не постојат. Корлеонези сите ги убија“, рече поранешниот член на сицилијанската мафија – Салваторе Конторно.

Но тоа што ја прави Летиција Батаљија посебна, е тоа што не се задржа само на мртвите тела и крвавите престрелки.

„Сицилија стануваше нарко-држава, а таа (Летиција) ја имаше потребната човечност не само за да ги фотографира политичарите и мртвите тела, туку и импактот од сета таа секојдневна блискост со смртта, особено меѓу децата“, вели Дики.

Денес Батаљија не фотографира толку многу, но не е затоа што има помалку криминал и корупција. Напротив, таа за СиЕнЕн изјави дека „мафијата е помоќна од било кога порано. Порано беше дивјаштво, тие убиваа. Сега се во политиката и финансиите. Тоа не е само крв… тоа е корупција“.

1
Деца играат на фестивалот „Ден на Мртвите“ во Палермо, 1986 година.
3
Проститутка и нејзините двајца пријатели убиени од мафијата, 1983 година.
2
Дете си игра со пиштол во Палермо 1982 година.
4
Мишел Реина, секретар на Сицилијанската христијанска демократска партија, убиен од мафијата во 1979 година.
5
Мртво тело во гаражна улица, 1977 година.
6
Член на мафијата со тетоважа на Исус, убиен од неговите „колеги“ од мафијата. 1984 година.
7
Апсењето на мафијашкиот бос Леолука Багарела во Палермо во 1980 година.
8
Жена плаче додека го гледа погребот на Заменикот на италијанскиот Парламент – Пие Ла Торе, убиен од мафијата во 1982 година.
9
Мајка со фотографија од својот исчезнат син, 1984 година.
10
Судење на мафиози, 1980 година.
- Реклама -