„Сите ние отидовме на година, две, па малку по малку и ни помина животот“.
Ова се едни од стиховите што ја отсликуваат суштината на односот на југословенските гастарбајтери спрема својата земја додека својот работен век го поминувале во земјите на Западна и Северна Европа. Ова и не треба особено да нè чуди бидејќи песната „Југо, моја Југо“ ја има напишано една гастарбајтерка.
Пред точно 50 години, 1966, Југославија со билатерална спогодба со Австрија ги имаше регулирано прашањата околу вработувањето на работниците. Така, пред половина век беше создаена генерацијата на југословенските гастарбајтери која во голема мера ја обликуваше судбината на државата.
Новата изложба во Музејот на историјата на Југославија во Белград „Југо, моја Југо“ впрочем се занимава со судбината на луѓето кои биле подготвени да ја напуштат својата татковина во надеж за подобар живот.
Александра Момчиловиќ која е кустос на музејот, воедно и еден од авторите на изложбата објасни како овој живот изгледаше во пракса.
„Најисплатливо беше децата да се остават овде со баба и дедо или со роднините, бидејќи така родителите беа во можност целосно да се посветат на работата. Често пати работеа повеќе од една работа, а потоа сите пари се враќаа дома“.
Како што објасни Александра, гастарбајтерите со кои авторите на изложбата имале можност да разговараат, се вратиле во своите родни земји дури по заминувањето во пензија, а тоа не им било во план кога тргнале.
„Една баба со која разговаравме ни кажа – Ете, сите ние отидовме на една година за да купиме трактор, резервен дел за колата, за да купиме имот… ако тогаш некој ни дадеше да потпишеме дека заминуваме на триесет години, ви гарантирам дека никој немаше да потпише. Сите ние заминавме на една, две години и така малку по малку животот си помина“.
И покрај тоа што после толку време од создавањето на поимот гастарбајтер, тој добива навредливо значење, иако самата негова етимологија е доста позитивна.
Гостите-работници се луѓето кои во текот на 60-тите и 70-тоте години, од посиромашните земји заминувале во странство со идеја во најкус можен рок да заработат доволно пари и да се вратат во својата татковина со капитал. Поголемиот дел од гастарбајтерите немале намера да се асимилираат во новата средина, тие одржувале многу блиски односи со сопствената земја и со другите луѓе кои ја делат истата судбина. Од друга страна, и средината во која тие се нашле не ги прифаќала сегогаш со раширени раце.
Југословенските работници, како и другите странски работници во Австрија и СР Германија, биле принудени да изнајмуваат станови во стари трошни згради. Сите анкети покажувале дека повеќето од населението не сакале да имаат странци за соседи, а во многу од рестораните стоеле натписи „забрането за гастарбајтери“.
Со оглед на тоа дека во почетокот на 70-тите во Виена имало 70 000 Југословени, биле отварани клубови во кои работниците-гости го поминувале своето слободно време. Еден од нив бил и „Единство“ од Виена. Фотографот Јован Ритопецки го снимал секојдневниот живот на работниците кои се собирале околу овој клуб.
На изложбата МИЈ може да се видат писма и подароци што гастарбајтерите ги испраќале лично на Тито за неговиот роденден. Сите тие многу емотивно реагираат на прашањата во врска со распаѓањето на старата земја, вели Александра.